Интервју со Мустафаоглу – ДПМНЕ манипулира и ги изигрува бранителите во Ѓорче Петров
Дарја Мустафаоглу е идна правничка и советничка во Општина Ѓорче Петров од редовите на Политичката партија Левица. Со неа имавме можност да разговараме за последните случувања во Советот, Иницијативата на Левица за ослободување од давачки кон матичната општина на семејствата на бранителите во конфликтот во 2001 година и потеклото на нејзиниот патриотизам.
- Кој ја поднесе првично Иницијативата за ослободување од давачки кон матичната општина на семејствата на бранителите и зошто како предлагач се наведуваат советници од ВМРО-ДПМНЕ?
Иницијативата за бранителите беше поднесена во сите општини каде што Левица има советници. Значи, во текот на месец април сите советници од Левица поднесоа Иницијатива за помош односно изразување благодарност на бранителите. Во Ѓорче Петров ваквата Иницијатива ја поднесовме на 25 април 2023 година.
Нашата Иницијатива перфидно беше присвоена од страна на советниците од ДПМНЕ и Градоначалникот Александар Стојкоски. Образложението на “предлагачот“ Ленче Нелоска беше дека таа се јавува како предлагач бидејќи во 2018 година од ДПМНЕ имале ваква слична идеја (мандат во која таа воопшто не била ниту советник). Со овој чекор тие единствено успеаја да докажат дека се безидејни, мизерни и махери за замајување на граѓаните и политиканство.
Впрочем, доколку има вистина во наводите кои тие ги тврдат во јавноста, доколку ДПМНЕ е навистина предлагач на ваквата Иницијатива, ги повикувам да ја приложат нивната Иницијатива статутарно и деловнички правилно поднесена и заверена со архивски печат. Меѓутоа такво нешто не постои.
Кога советниците од ДПМНЕ и Градоначалникот воочија дека Иницијативата на Левица е нешто кое не може да се одбие и дека откако ќе се прифати Левица ќе ги добие уште повеќе симпатиите на граѓаните – тие се осудија како птици грабливки да се впишат себе за предлагачи и успехот да го промовираат како исклучиво свој.
- Кои предлози беа прифатени?
Предлозите кои се прифатија беа само за тоа: семејствата на бранителите со живеалиште во Општина Ѓорче Петров да се ослободат од трошоците за ужинка во основните училишта и да се ослободат од плаќање на партиципација во градинките. Откако ќе се извади листа на вакви семејства (деца) ќе се утврди дека бројот на оние за кои е применлива ваквата одлука е многу мал. Односно, Општината нема да се откаже од многу, ќе нема речиси никаков трошок. Логично е децата на грото од бранителите да се веќе на возраст на која го имаат заокружено основно образовниот процес.
- Зошто вашата Иницијатива не беше прифатена во целост?
Нашата Иницијатива се однесуваше на: ослободување од плаќање на надомест за топол оброк, ужинка и екскурзии во училиштата, ослободување од плаќање на партиципација во градинките и ослободување од плаќање на сите видови давачки кон Општина Ѓорче Петров (за делот кој се уплаќа на сметка на Општина Ѓорче Петров).
Причината зашто се игнорираше предлогот за тоа бранителите и нивните семејства да се ослободат од сите давачки кон Општината, е нивниот гол популизам и намерата да не влегуваат во позначителни трошоци. Со одбивање на овој предлог очигледно е дека целта им е само замачкување очи. За крај, само за потсетување, Општина Сарај во 2018 година своите жители-поранешни припадници на ОНА ги ослободи од даноци.
- Дали сметаш дека ослободувањето од давачки реално би му помогнала на семејствата на бранителите и зошто?
Да! За жал, и денес многумина од бранителите се сиромашни, некои и на раб на егзистенција, а речиси сите се заборавени од државата. Со ваквата Иницијатива сметам дека освен што директно ќе им се помогне на бранителите и нивните семејства, на подолг план и младите би се мотивирале доколку видат дека храброста, дисциплината, патриотизмот се вреднува и не се заборава. Младите ќе видат дека оние кои се пожртвувале за Македонија кога тоа било најпотребно се категорија на граѓани кои се издигнати на повисоко ниво, како херои.
- Какво значење има Иницијативата за тебе?
Јас сум дете и внука на бранители. Особено сум горда што моите татко и дедо во војната (“конфликтот“) во 2001 година биле од патриотски побуди, па затоа и не седеле на страна, со месеци бестрашно биле на терен кога било најтензично, умееле да ги мотивираат младите, да одржуваат и воспостават дисциплина и спречиле повеќе потенцијални немили настани. Нивното присуство и максимална ангажираност тие ја перципирале како должност спрема државата, без повратни очекувања.
Дедо ми се пријавил доброволно, без било каква покана/наредба за мобилизација. Инсистирал веднаш да отиде на терен откако дознал дека негов другар, домар на планинарски дом – Јосиф Илковски, го убиле терористите од ОНА. Татко ми пак, бил учесник во војната во 2001 распореден на повеќе места како поручник. Тогаш сум имала само неколку месеци, така што моите први месеци сум ги поминала само со мајка ми. Денес обожавам изворно да слушам за случувањата во 2001 од татко ми кој на тој начин не само што ја демаскира вистината, туку и ми го пренесува патриотизмот и мотивира.
- Интервјуто го спроведе Александра Субашиќ