Нов план – осум чекори за смирување на тензиите на северот на Косово

ЕУ и земјите од КВИНТА (Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство и Соединетите американски држави) договорија план од осум чекори за намалување на тензиите на северот на Косово, кои настанаа по насилниот влез на градоначалниците избрани на изборите што беа бојкотирани од Србите, објави „Албанијан пост“.

Документот „Деескалација во четири северни општини – сценарио по чекори“ беше објавен веднаш откако францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел побараа итно одржување нови избори во четири општини на северот на Косово. Тоа го направија по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претставници на владата во Приштина на самитот на Европската политичка заедница, што се одржа вчера во Кишињев.

„Албанијан пост“ објави и фотографија од документот, чија автентичност се уште не е потврдена.

Во документот се наведува дека ЕУ и земјите од КВИНТА преземаат одговорност за водење на процесот предвиден во следните чекори:

1. Косово и Србија ја потврдуваат својата посветеност на спроведувањето на Основниот договор, со посебен осврт на членовите 1, 3, 7 и 9,

2. Косово ги повлекува специјалните полициски сили. Повлекувањето е придружено со враќање на редовната борбена готовност на српските вооружени сили.

3. Редовната полиција со помош на КФОР и ЕУЛЕКС е одговорна за безбедноста на теренот.

4. Протестите престануваат, општините продолжуваат со редовната работа и функционирањето на службите, а општинските простории во четири северни општини се достапни за вработените во општините.

5. Градоначалниците ќе поднесат оставки во средината на јули 2023 година, отворајќи го патот на претседателот Османи да распише предвремени општински избори.

6. Изборите ќе се одржат кон крајот на август или почетокот на септември.

7. Точките 3, 4, 5 и 6 се усогласени со значителен напредок во дефинирањето на самоуправната рамка за Заедницата на српските општини (член 7 од Основниот договор) и во спроведувањето на член 1 од Основниот договор како чекор со добра намера.

8. Средина на ноември 2023 година: рок за ефективно спроведување на членовите 1, 2, 3, 7 и 9 од Основниот договор.

Од Косово се очекува да се придржува до суштинските вредности и да покаже одговорност кон регионалната стабилност и да ги почитува демократските процеси, како и да биде посветено на зашититата на правата на припадниците на малцинските групи – се вели во заедничката реакција на 5-те држави.

Објава на Твитер, имаше и шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, кој истакна дека трите главни аспекти се новите избори, учеството на косовските Срби на нив и продолжувањето на работата за воспоставување на асоцијација на општини со српско мнозинство.