Денови на македонската литература во Москва
По повод Денот на словенското писмо, Олга Панкина познатата руска македонистка и преведувачка, поетеса, сликарка, популаризатор на македонската култура во Москва организираше Денови на македонската литература, успешно продолжувајќи да го реализира проектот „Читаj jа Македонија!“ што го започна пред десет години.
Деновите на македонската литература беа отворени во Библиотеката „А.Н.Толстој“ на 14 мај, со претставување на книги од македонските автори објавени во нејзин превод на руски во 2023 година: романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски (Центар за книга „Рудомино“), изборот поезија на Влада Урошевиќ со белешка за авторот (списание „Иностранаја литература“), романот „Лавиринт на вистината“ на Оливера Jовановска („У Никитских ворот“), повеста-приказна „Силјан Штркот“ на Марко Цепенков („У Никитских ворот“) и поетската книга „Животот е фантастичен, но…“ на Лилjана Стоилковска Андовска („Академија на поезијата“).
Олга Панкина најави дека наскоро од печат ќе излезе поетската збирка насловена „Jужна sвезда“ на Влада Урошевиќ, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата 2023.
Литературната средба одржана на 17 мај во Серуската државна библиотека за странска литература му беше посветена на македонското народно творештво. Токму за овој настан таа преведе и ја обjави познатата „Силјан Штркот“ на собирачот на македонското народно творештво Марко Цепенков. „Силјан Штркот“ е единственото дело од Цепенков досега објавено на руски јазик.
На 24 мај Олга Панкина како претседател на невладината организација Македонски културен центар во Москва положи цвеќе пред споменикот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
На 27 мај во просториите на Библиотеката за странска литература се одржа разговор со читателите, за проектот „Библиотека на литературата на Македонија“ реализиран од Олга Панкина, а кој се состои од антологиите: „Македонски раскази“, „Современа македонска драма“, „Современа македонска поезија“ – до сега најрепрезентативни изданија на македонската книжевност на руски. Уметникот Александар Белугин, илустратор на книгите, им покажа на присутните како се црта коњаникотот – графит, гребен на фреска, приближно од XIII век, од црквата Св. Ѓорѓи, во селото Горни Козјак, кој стана лого на таа книжевна едиција.
Беше претставен и проектот „Сто словенски романи“. Македонската книжевност во него е застапена со пет романи преведени на руски од Олга Панкина: „Вежби за ибни Пајко“ на Оливера Николова, „Барајте го гавранот“ („Дива лига“) на Влада Урошевиќ, „Азбука за непослушните“ на Венко Андоновски, „Разговор со Спиноза“ на Гоце Смилевски и „Недела“ на Ермис Лафазановски.