АктуелноЛокално

(Видео) Корпоративно ропство: 60 часовна работна недела

  • Соопштение на Политичката партија Левица

Најголемиот грабеж на 21-от век го спроведува Владата на Република Македонија.Штотуку на шверцерски начин и со европско знаменце помина пакетот погубни законски измени кои државата ја потчинуваат на КОРПОРАТИВНА ДИКТАТУРА.

Македонските работници ќе работат 12 часа дневно, 6 дена во неделата – што значи МИНИМУМ 60 часа робување на корпоративни интереси на американски конзорциум Бехтел и Енка – кој градејќи ги коридорите 8 и 10, ќе ги истошти нашите работници и ќе ја испразни државната каса.

Со 6 664 амандмани Левица го блокираше овој пакет закони и на овој начин ќе се ставеше крај на обидите за поробување на работниците и истиснување на државните пари – но, без правна основа Владата реши да ги злоупотреби инструментите за усогласување со европската легислатива – со европско ЗНАМЕНЦЕ антицивилизациски и анти-европски.

Стануваме апсолутен рекордер во светот. Досега, тоа беше Мавританија со 54 часа, по која следат Египет со 53, Гамбија со 51 и Буркина Фасо со 50 часа. Но, Владата на СДС и ДУИ воведе 12 часовно работно време, шест дена во неделата! Тоа значи дека, луѓето кои ќе работат, ќе бидат физички исцедени и ќе немаат време да ги обноват физичките капацитети за да продолжат нормално да живеат. Уставот вели дека секој работник има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права работниците НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОТКАЖАТ.

Помеѓу силниот и слабиот, слободата е таа која угнетува, а законот е тој кој ослободува. Сега имаме ситуација, законот да ги поробува работниците, наместо да ги ослободува!

Левица нема да дозволи на овие грабливци и злосторници без отпор да се богатат на грбот на работниците. На борбените линии против паразитите од СДС и ДУИ нѐ обединува класниот и националниот интерес – спротиставени на нелегитимните рехабилитатори на фашизмот и острицата на корпоративната диктатура.