АктуелноЛокалноСтав

Апасиев: „Бехтел и Енка” ќе ја исцица потта на македонскиот работник – ние сме колонија на американскиот империјализам!

На денешната собраниска седница, каде се дискутираше за предлог-измените на Законот за работни односи, лидерот на Левица се појави со маица со натпис „Ќе висите заедно.” Во своето собраниско обраќање, Апасиев порача дека со овие законски измени предлагачите се обидуваат „да воведат нормално ропство под европско знаменце, со афрички стандарди“.

Според Апасиев, сега имаме ситуација во која законот ги поробува работниците, наместо да ги ослободува, за што, како што предупреди претседателот на Левица, следува кривична одговорност. Во продолжение обраќањето на лидерот на Левица од денешната собраниска седница.


Сакате да воведете корпоративна репресија во Републикава, односно да нѐ вратете два века назад во доменот на трудовото право. Првиот сегмент е злоупотребата на европското знаменце, односно нема потпис од министри. Вие министерке Тренчевска, иако не сте правник, добро Ве поучиле да не ставите потпис на оваа лажна изјава и да го насанкате заменик-министерот да заглави како „Миле ми текна” по судови. Ова е типична лажна изјава.

Следно, лажните ЕУ регулативи, кои ги наведувате, се едни сликовници кои имаат само мапа на коридори, што е водич на трансевропска транспортна мрежа и толку. Нема ништо од трудово право во неа за да се се повикувате на неа и да го чепкате Законот за работни односи, кој кај нас е lex generalis, односно се применува на сите вработени, без оглед дали се вработени во приватен или јавен сектор. Тоа го призна и Маричиќ, меѓутоа на Маричиќ не му е тешко да признае, затоа што не стои негов потпис.

Вие со ова упорно сакате да нѐ направите колонија на американскиот империјализам, фаворизирајќи еден конзорциум којшто ќе ги исцица државните ресурси, но ќе ја исцица и ПОТТА на работниците. 

Имено, во самата Европска унија, со Директивата број 88/2003 се вели „просечно работно време за секој седумдневен период, вклучувајќи го и прекувременото работење, не смее да надминува 48 часа неделно”. Вие се обидувате да воведете 12 часовно работно време, шест дена во неделата! Тоа значи дека, луѓето кои ќе работат, ќе бидат физички исцедени и тие ќе немаат време да ги обноват физичките капацитети за да продолжат нормално да живеат. Имено, „Трите осумки“ – познатите работнички права кои се изборени во Франција, во XIX век во 1840 година се однесуваат на 8 часа работа – 8 часа одмор – 8 часа слободно време за приватен и семеен живот. Вие сега воведувате две дванаесетки: 12 часа работа – 12 часа одмор, односно онаа позната стратегија „дом – работа“, со којашто воведувате модерно ропство под европско знаменце, со африкански стандарди.

Пример, во Мавританија се работи 54 часа, во Египет 53 часа неделно, во Гамбија 51 час и во Буркина Фасо 50 часа. Сите овие се африкански земји и сега и во Република Македонија ќе се работи 60 часа неделно. Односно, ќе се работи дури и 72 часа, бидејќи нема ограничување.

Спротивно на вашите аргументи се и конвенциите и препораките на МОТ. Меѓународната организација на трудот е респектабилна организација којашто во светски рамки е постара од ОН. Ќе споменам две конвенции:

1) Конвенцијата од 1919 година, која го ограничува максималното работно време на 48 часа неделно, и 

2) Конвенцијата бр. 47 од 1935 година, која го фиксира работното време на 40 часа неделно. Значи, согласно нашето право, овие конвенции коишто ние сме ги наследиле уште од Кралство Југославија, преку социјалистичка Југославија, се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да бидат менувани со закони.

Уставот, во чл. 33 ст. 4 вели дека секој работник има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права работниците НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОТКАЖАТ. Тоа значи, паѓа во вода оваа законска предлог-одлука за писмена согласност на работникот за да работи прекувремено. Токму поради тоа, државата треба секогаш да биде на страната на послабиот. Помеѓу силниот и слабиот, слободата е таа која угнетува, а законот е тој кој ослободува. Сега имаме ситуација, законот да ги поробува работниците, наместо да ги ослободува.  Членот 35 ст. 5 од Уставот, вели дека трудовото право е materia legis. Оттука, не можете вие со подзаконски акти на министер, да регулирате трудово-правна материја. Нашиот Устав не го дозволува тоа, изрично ги наведува изворите на трудово право, а не може да биде правилник на министер. Членот 120 вели: „Работодавачот не смее да наложи работа подолго од полното работно време, ако работата може да се изврши со соодветна организација или распределба или воведување нови смени.“. Зошто, наместо да експлоатирате илјада работници од Непал, Пакистан или Авганистан, не воведете  2.000 македонски работници во три смени да работат, наместо да ги експлоатирате. 

Последно, ќе се задржам на кривичната одговорност. Со потсмев ја гледате додека сте на власт, но кога ќе паднете, работите стануваат посериозни, оставате траги, оставате потписи. Кој ќе одговара за „Бехтел и Енка“?!

Прво, ќе одговара Бочварски. Како потписник на договорот, согласно чл. 377 од Кривичен Закони, за сторено кривично дело против правосудството, неизвршување судска одлука. Во ст. 3 се вели: „службено или одговорно лице кое ќе одбие да изврши одлука на Уставниот суд на Р. Македонија што е должно да ја изврши, ќе се казни со затвор од 1 д 5 години”. 

Следно, ќе одговара предлагачот, во случајов, заменик-министерот Енвер Хусејин, по чл. 361 од КЗ., а тоа е фалсификување исправа. Вели: „службено лице, кое во службена исправа, книга или спис, ќе внесе невистинити податоци, или ќе завери службена исправа, книга или спис со невистинита содржина, ќе се казни со затвор од 3 месеци до 5 години.” Оттука, предлагачот ќе одговара за фалсификување службена исправа.

Трет којшто ќе одговара е спикерот, односно Претседателот на собранието, Талат Џафери за к.д. Несовесно работење во службата, по чл 353В од К.З. Кој вели: „службено или одговорно лице кое со повреда на законските прописи за совесно постапување при вршење дискреционо овластување со пропуштање на должен надзор, очигледно несовесно постапува.“ Оттука, Талат Џафери бил ДОЛЖЕН ваквиот документ, како нецелосен и лажен да го врати на предлагачот, меѓутоа тој не го сторил тоа, поради шверцератот за Коридорот 8 е „Коридор Илирида“, тоа е општо познато. Поради тоа, кога ќе паднете од власт, ќе одговараат овие тројца. 

Да сумирам – современото трудово право потфрла, манифестирано преку вашите социјални политики, затоа што креира сиромашни работници коишто работат многу без да заработат за нормална егзистенција, наместо од трудовото право да направите клуч за европска безбедност.