Куманово – изгубен град

Каков град му е потребен на човекот денес? Што поединецот бара од еден град и кои се тие квалитети според кои се вреднува урбаното живеење? Прашањето е дали Куманово, како една целина, функционира нормално, дали ги задоволува потребите на своите жители, нивните стандарди на егзистенција? Одговорот е негативен.

Куманово по Втората светска војна, благодарение на здружениот труд на работниците, доживува брз и интензивен развој во сите сфери. Од заостанат град, каде што 79% од населението се занимава со земјоделие и сточарство, станува високо индустријализиран и современ град, со автентичен и богат културен живот, каде што градоградителството се раководи од хуманистички принципи. Со сите недостатоци на тогашниот и таквиот град, сепак, слободно можеме да кажеме дека тој на своите жители им обезбедувал определена сигурност, а на младите им нудел некаква перспектива за нивната иднина.

По деведесеттите и фамозната транзиција кон „пазарно стопанство“, Куманово ги изгуби повеќето постоечки индустриски капацитети и, следствено, доживеа стагнација и уназадување во сите сфери на живеењето – културата, образованието, просторното планирање, здравствената заштита итн.

Со пропаста на економијата и промената на воспоставениот вредносен систем, градоградителството веќе не се раководи од принципот „човекот како највисока вредност“, каде што јавниот простор се планира според потребите на севкупната заедница и во интерес на заедницата, туку сега веќе јавниот простор се претвора во стока, која, како и секоја друга стока, се продава и купува, а основниот мотив е што поголема заработувачка во што пократко време.

Нововоспоставениот вредносен систем – каде што профитот е единствен принцип – доведе до градежно силување и незапирлива бетонско-градежна експанзија во Куманово. Од година во година се запоседнува секоја слободна површина, дури и во најтесните улички во централното градско подрачје се издигнува поширока, подолга и повисока зграда од соседните. А урбанистичките планови се цртаат и менуваат преку ноќ за постојано да се издаваат нови градежни маркички за доуништување на животниот простор. Но, животниот простор веќе не е некоја посебна вредност, бидејќи, како што погоре споменавме, вредност е единствено профитот.

Ниту една политичка партија, освен Левица, не застанува наспроти ваквиот вредносен систем, туку, напротив, преку разноразните меѓусебно неповрзани „проекти“, со кои се расфрлаат, само укажуваат на нивната генерална безидејност за перспективите на градот и потребите на неговите жители. Единствено политичката партија Левица зборува за концептот на „одржлив град“, концепт кој во никој случај не се раководи од профитот како светоглед, туку, напротив, вредност е човекот и неговата автентична реализација како личност.

Што значи одржлив град? Тоа значи дека стратегијата за развој мора да биде прецизно поставена во однос на задачите, целите и носителите на реализација на планот, каде што односот кон животната средина ќе има средишно место, во смисла на заштита на природниот капитал (водата, почвата), намалување на необновливите ресурси, зголемување на ефикасноста на производството, градскиот сообраќај и слично. Планска интервенција во најзагрозените делови од градот, со цел да се подигне квалитетот на животот. Ефикасно користење на градското градежно земјиште, рационализација на сообраќајот, користење алтернативни извори на енергија, со намалување на загадувањето како крајна цел; понатаму, создавање објективни услови за активно вклучување на граѓаните во процесите на одлучување, пристап до информациите, воведување разни форуми на образование во школскиот систем и во единиците на локалната самоуправа и сл.

Принципите во планирањето одржлив развој се многубројни и во себе ги вклучуваат речиси сите аспекти на функционирањето на градот како просторен, еколошки и социолошки ентитет. Концептот на одржлив град, пред сè, претпоставува процес на изградба на градот во кој граѓанинот ја презема на себе одговорноста за развојот на градот.