Oткриени дел од сторителите кои упаднаа на изложбата на Сергеј Андреевски во Солун

Грчката полиција идентификуваше пет лица кои пред две недели упаднаа во галерија во солунската општина Каламариа каде еминентниот македонски сликар Сергеј Андреевски имаше изложба, при што се закануваа и го принудија сликарот да ги симне своите уметничкиот дела од изложбениот простор.

Полицајците од Одделот за борба со расистичкото насилство на грчката полиција во Солун идентификуваше четворица грчки државјани на возраст од 19, 20, 23 и 24 години и една девојка, странска државјанка на возраст од 22 години.

Во списите на предметот се опфатени делата за расно мотивирано незаконско насилство (со соучесништво), поттикнување на извршување на кривични дела, како и вршење акти на насилство и дела на раздор.

„Горенаведените сторители заедно со уште осум непознати соучесници, дејствувајќи како група со обединети сили, ментална поврзаност и националистички мотиви и со прикривање на цртите на лицето, упаднале на изложбата и интервенирале со лепење печатен материјал и итно повикување на уметникот да ја прекине изложбата“, соопшти грчката полиција.

Инцидентот се случи на 26 април, кога во вечерните часови припаднци на екстремно десничарската група Златна зора, која со судска одлука е криминална организација, маскирани со капчиња, качулки и марами на лицата упаднаа во галеријата во Каламариа на изложбата на Сергеј Андреевски.