Македонија прогласи пет руски дипломати за персона нон грата – Захарова со коментар: Ќе бидеме принудени да преземеме реципрочни мерки

Вчера, 28. март 2022 година, пет дипломати од Амбасадата на Русија во Скопје беа прогласени за персона нон грата од стран на Министерството за Надворешни работи на Македонија, кои излегоа со соопштение во кое меѓудругото се вели:

Денес во просториите на Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин, кому му беше врачена дипломатска нота, со која петмина вработени во Амбасадата на Руската Федерација се посочени како непожелни во земјава или персона нон грата.

Со свој коментар како одговор на ова, излезе портпаролката на МНР на Русија, Марија Захарова, а во нивната порака се вели:

На 28 март, пет дипломати од Амбасадата на Русија во Скопје беа прогласени за персона нон грата. Овој акцентирано непријателски чекор е продолжување на курсот кон вртоглаво рушење на билатералните односи со Русија што пред неколку недели го зазедоа властите на Северна Македонија. Со приклучувањето кон русофобичната хистерија што ја почна Западот, Скопје уште еднаш ја потврди подготвеноста непромислено да го жртвува суверенитетот и да носи одлуки кои се во спротивност со расположението во јавноста и им противречат на коренитите национални интереси. Ќе бидеме принудени да преземеме реципрочни мерки.