Медицинските сестри од Македонија својата иднина ја гледаат во Германија

Триесет и четири медицински сестри со завршена Висока медицинска школа во Битола лани побарале да им се преведат наставните планови и програми по кои студирале за ги приложат во здравствените установи во странство каде се вработуваат, претежно во Германија.

Меѓу нив имало и медицински кадри дипломирани и пред 15 години, од кои дел не успеале да најдат вработување во земјава. Ова е само мал дел од вкупната бројка медицински сестри кои заминуваат на работа во странство поради подобри услови, плата, а некои и поради тоа што со години не биле вработени.

Студентите причината за заминување на младиот медицински кадар ја гледаат во тоа што младите не можат по завршувањето на студиите да најдат работа соодветна на образованието со кое се стекнале.

Дополнително, дипломите од Висока медицинска школа се меѓународно признаени вклучувајќи ја и Германија, па така нема потреба од нивна нострификација, што ја олеснува процедурата за вработување во оваа земја, која е доста атрактивна за младите медицински работници.