138 години од смртта на Карл Маркс – погребниот говор на Енгелс

Во одбележување на 138 годишнината од смртта на Карл Маркс, го објавуваме преводот од погребниот говор на Енгелс:

На 14 март (1883), во 15 до 3 часот попладне, најголемиот жив мислител престана да мисли. Го оставивме сам не повеќе од две минути, а кога се вративме го најдовме во неговата фотелја, мирно заспан — но засекогаш. 

Смртта на овој човек е неизмерна загуба и за милитантниот пролетаријат од Европа и Америка, но и за науката за историјата. Празнината која што ја остава заминување на овој моќен дух ќе се почувствува наскоро . 

Како што Дарвин го откри законот на развој на органската природа, така Маркс го откри законот на развој на човечката историја: едноставниот факт, дотогаш скриен под наслагите на идеологија, дека човештвото најпрвин мора да јаде, да пие, да има живеалиште и облека, пред да може да се занимава со политика, наука, уметност, религија итн.; дека затоа производството на непосредните материјалните средства, а следствено и степенот на економски развој постигнат од страна на луѓето во одредена епоха, ја формираат основата врз која институциите на државата, правните концепти, уметноста, па дури и разбирањето на религијата, на луѓето кои ги засега, еволуираат, а во нивно светло тие мора, затоа да бидат објаснети, а не обратно, како што тоа досега беше случај. 

Но тоа не е се’. Маркс исто така го откри и посебниот закон за движење кој го води денешниот капиталистички начин на производство, и буржуoаското општество кое е продукт на овој начин на производство. 

Откривањето на вишокот на вредност одненадеш фрли светло врз проблемот, во обидот да се решат сите претходни истраги, за буржоаската економија и социјалистичката критика, кои дотогаш беа само опипувани во темнината.  

Две такви откритија би биле доволни за еден животен век. Среќен е човекот кој е заслужен макар и за едно такво откритие. Но, во секое едно поле кое Маркс го истражуваше — а истражуваше навистина многу полиња, ниту едно од нив на површен начин — во секое поле, дури и во математиката, тој направи независни откритија. 

Таков беше овој човек на науката. Но ова не е ниту половина од човекот. Науката за Маркс беше историски динамична, револуционерна сила. Колку и да беше голема радоста со која тој ги поздравуваше новите откритија во некоја теоретска наука чија практична корист можеби се’ уште беше невозможно да се замисли, тој доживуваше сосема друг вид на радост кога откритието вклучуваше непосредни револуционерни промени во индустријата, и во историскиот развој пошироко. На пример, тој внимателно го следеше развојот на откритијата направени во областа на електричната енергија и неодамна оние на Марсел Депрез.

Затоа што Маркс пред се’ беше револуционер. Неговата вистинска мисија во животот беше да придонесе, на еден или друг начин, кон соборување на капиталистичкото општество и на државните институции кои тоа ги создаде, да придонесе кон ослободувањето на модерниот пролетаријат, којшто тој за прв пат го направи свесен за неговата позиција и неговите потреби, свесен за условите на сопствената еманципација. Борбата беше неговиот елемент. И се бореше страстно, со упорност и успех со која што малкумина можеа да се споредат.

Неговата работа во разни весници како првиот Rheinische Zeitung (1842), париските Vorwarts (1844), германскиот Brusseler Zeitung (1847), Neue Rheinische Zeitung (1848-49), и New York Tribune (1852-61),  како и покрај нив, серијата на други милитарни памфлети, работата во организации во Париз, Брисел и Лонодн, и конечно, како круна на се’ создавањето на Меѓународната асоцијација на работници — ова навистина беше успех со кое неговиот основач би можел да се гордее дури и ако немаше направени ништо друго во целиот свој живот. 

И, следствено, Маркс беше најомразениот и најоцрнуваниот човек на своето време. Владите, било да се апсолутистички или републикански, го депортираа од нивните земји.

Буржоазијата, било да е конзервативна или ултра-демократска, се натпреваруваше помеѓу себе за тоа кој поголеми клевети ќе натрупа врз него. 

Сето ова го тргна настрана како да е пајажина, игнорирајќи го, одговарајќи само кога екстремните потреби го приморуваа. Почина сакан, почитуван и оплакуван од милиони револуционерни другари работници — од рударите во Сибир до Калифорнија, во сите делови на Европа и Америка — и јас и се осмелувам да кажам дека, иако тој можеби имаше многу противници, тој имаше тешко еден личен непријател.

Неговото име ќе истрае низ вековите, а исто така и неговата работа.