Ацески: Со укинувањето на предметот Историја се укинува сопствено идентитетско осознавање
„Кога ќе им го укинеш предметот Историја на децата на возраст на 10-11 години, кога се најчувствителни, кога практично детето почнува да го формира светот и кога буквално се буди неговата свест за сопствено идентитетско осознавање, за сопственото потекло, за припаѓање кон народ, кон држава, тоа значи дека им ја укинуваш нивната иднина како Македонци“ вели професорот по социологија Илија Ацески во изјава за „Нова Македонија“.
Прашање е дали ова е направено смислено. Случајно сигурно не е, но доколку е случајно, тогаш е уште пострашно, вели Ацески. Според социологот, несфатливо е некој да се дрзне да ја укине Историјата како предмет, бидејќи таа е клучна за идентитетското осознавање на една личност.
„Нејасно е како едно дете од десет години ќе го оставиме незапознаено со тоа кое е, што е, да биде лоцирано во тој свет на етничко, историско, национално, народно битисување… Не можам да најдам зборови како да го објаснам ваквиот несфатлив чин“ вели Ацески и стравува дека младите генерации ќе бидат оставени како „табула раза“, да ги обликува кој како што ќе стигне.
Професорот додаде дека доколку преку образованието не успееме да го зачуваме и разбудиме идентитетскиот осознавање, во ера на информациското општество во кое живееме, истото може да доведе до целосно разводнување на националниот идентитет.
„Ние живееме во време на наплив на информации отсекаде, во време на интернет, и кога на овие генерации ќе им ја испумпаш и таа и онака тенка врска со сопствената историја и идентитет, тогаш за што зборуваме повеќе. Искрено, не верувам дека дотаму ќе оди работата“, вели професорот.