Први мај – Меѓународниот ден на работникот не е ден за скара и пиво

Голем број луѓе во Македонија ниту не знаат зошто се одбележува Први мај. По инерција од времето на СФРЈ во која постоеше работничко самоуправување и Меѓународниот ден на работникот се одбележуваше во атмосфера на извојувана победа и денес продолжуваат место на протести да одат на излети и печат скара. Но, зошто се одбележува Први мај?

Први мај е ден на работничката борба.Се одбележува во знак на сеќавање на масакрот што се случил во Чикаго, САД, 1886 година на почетокот од мај. Настанот е познат и под името Афера Хајмаркет или Штрајк Хајмаркет. 

Таа пролет во Америка работниците биле во исчекување да биде донесен закон со кој ќе се воведе осумчасовно работно време. Кога законот не бил донесен, илјадници работници излегле на протест. Првите два дена, на 1 и 2 мај било мирно, но на 3 мај дошло до судир меѓу работниците и штрајкбрекерите, а потоа и до жестока пресметка меѓу вооружената полиција и голораките работници од кои мнозина настрадале, а четворица го загубиле животот. На 4 мај протестирале само најупорните, околу 3000 луѓе. Меѓутоа, при крај на протестот била фрлена бомба среде полицајците. Ова било причина  за апсење на осуммина синдикални водачи, меѓу кои и организаторот на протестот, Август Спајс. Половина од нив биле осудени на смрт и обесени иако никојпат не е утврден идентитетот на бомбашот, ниту пак поврзаноста на синдикатите со фрлањето на бомбата. На погребот на погубените синдикални водачи низ улиците на Чикаго излегле над 250.000 луѓе за да  искажат солидарност со неправедно погубените. 

Во 1889 година 1 Мај од страна на Втората интернационала е утврден за Меѓународен ден на работникот. 

Ако ја погледнеме состојбата со работничките права во Македонија од 1991 година наваму, повеќе од јасно е дека одамна не е време за конфети и огномети. Изминатите триесетина години целиот општествен имот се прелеа во раце на капиталистите. Во моментов ја бијат последната битка за доразграбување на државното земјиште. Синдикатите се мртво слово на хартија, соучесници во грабежот и обесправувањето на работниците кое го одмолчаа во замена за разни привилегии. 

Со оглед на тоа што капиталот се прелеа во раце на мала група луѓе за кратко време преку бројни малверзации и незаконски дејства (откако го заробијаСобранието на Македонија најпрво со лично учество во истото, а потоа со поставување таму свои марионети – веќе законски, но НЕПРАВЕДНО), јасно е за какви луѓе станува збор. Безочни, безобзирни, со волчји апетит за трупање капитал, а без ниту ронка општествена свест – за совест ниту да не стане збор. Уништожија и уништија сè – од аграрна политика, преку систем за здравство и образование, економија, фондови, животна средина…  Додека она што го произведуваме како вредност го грабаат и пикаат во џеб, со цел да обезбедат барем дел од јавните потреби безочно ја продаваат и иднината задолжувајќи се без мера и намера – освен што подолго да опстојат на позицијата што им овозможува грабеж. Бидејќи нешто за ништо не се добива- го трампија националниот идентитет и државата во замена за кредитите.

Земајќи ги предвид состојбите повеќе од јасно е дека Први мај не е ден во кој треба да го замаглиме небото со чадот од скари и главата со испиеното пиво! 

Први мај е ден во кој секој, барем тој еден ден, треба да им ја замати водата на безочните грабливци кои мислат дека можат да се сокријат зад темните стакла на своите возила и зад марионетите кои од Собранието и судовите им испорачуваат што ќе си нарачаат! 

Законот за работни односи кој од 1991 година наваму е менуван повеќепати,секојпат на штета на работникот,  со последните измени против кои Левица се бори со над 1000 амандмани планираат да го претворат во акт за трансформација на работникот во роб со можноста за шеесетчасовно работно време која се обидуваат да ја протуркаат. Дали работниците ќе го премолчат и ова? 


Борбата за зачувување на права е тешка и постојана, а борбата за враќање на изгубеното би била  уште потешка. Должни сме барем да не им оставиме на нашите деца ропски пранги во наследство.