Левица: ДПМНЕ, ПОИНАКУ и СДС ги оставија на цедило бранителите во Битола

  • Реакција на Политичката партија Левица

На вчерашната седница на Советот на општина Битола, советниците од Левица поднесоа иницијатива за обезбедување на правата на бранителите од војната во 2001 година. За жал, иницијативата не беше усвоена, затоа што советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано, а СДСМ и ПОИНАКУ гласаа против ваквата иницијатива.

Оваа иницијатива е на барање на Здружението на воени инвалиди и ветерани “БРАТСТВО 2001”, кое во неколку наврати испраќаше барање до градоначалникот и општината, но никој не става приоритет на овие бранители кои храбро застанаа во одбрана на нашата татковина.

Според член 10 од Законот за припадници на безбедносните сили на Р. Македонија, државните органи, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и јавните установи, се должни при вработување под еднакви услови да дадат предност на невработен припадник на безбедносните сили.

Дел од барањата на бранителите се:

  • Ослободување или процентуално намалување на давачките кон општината
  • Ослободување или процентуално намалување на давачките на комунални такси
  • Процентуално намалување на откуп на рати на огревно дрво
  • Ослободување при користење на јавен превоз еднаш или повеќе пати во неделата
  • Ослободување од надомест при користење на градски паркинг.

Денес, оние кои во најтешките времиња застанаа во одбрана на Републиката се заборавени од власта, додека терористите добија амнестија, функции и секакви бенефити од државата.