Хотел „Елса“ бесправно доградил два ката во центарот на Скопје

Општински градежен инспектор извршил увид на предметната локација, составил записник и издал Решение за отстранување, па како што велат од Општина Центар, постапката е во тек и сопственикот е задолжен да постапи по издаденото решение.

Дивоградби, надградби и доградби изградени без градежна дозвола е проблем со кој досега не успеала да се справи ниту една скопска општина. Инвеститорите си додаваат по некој метар повеќе, на постојните објекти се надградуваат кат-два нагоре, а инспекторите, кои по општините се бројат на прсти, и да сакаат не можат да држат чекор со итроштините на градежниците.

Тука, најчесто на помош се дојавите од граѓаните, кај кои сè повеќе се развива свеста за заштита на околината, па пријавуваат по општините и инспекторите реагираат. Но, ниту тогаш, по изречените опомени и издадени решенија за уривање на она што е изградено без дозвола, не значи дека изведувачите на објектите ќе го извршат она што им е наложено.

Од друга страна, како што е познато, општините не се финансиски моќни да го разурнат сето она што не го одобриле, па така полуизградени, започнати, па дури и изградени објекти со години остануваат бесправно да го узурпираат просторот.

Деновиве реагираа скопјани за надградбата на хотелот „Елса“ на поранешниот функционер Сашко Станинов. Хотелот, лоциран во строгото централно подрачје на улицата Луј Пастер, веднаш до статуата на бикот, како што велат, „пораснал“ за два ката последниве години, а од неодамна пред него има поставени скелиња, кои укажуваат дека објектот се подновува.

За сомнежите на граѓаните, одговор побаравме од Општина Центар за тоа дали сопственикот има градежна дозвола за надградба на уште два ката на објектот или ги гради без дозвола, со оглед дека во моментов тој е за четири ката повисок од зградите што се „лепенка“ со него. Оттаму потврдуваат дека станува збор за доградба без дозвола, по што општинскиот инспектор наложил нејзино отстранување.

Градежен инспектор на Општина Центар извршил увид на предметната локација, составил записник и издал Решение за отстранување. Постапката е во тек и сопственикот е задолжен да постапи по издаденото решение. Доколку самиот не постапи во законски определениот рок, општината административно ќе го отстрани нелегално изградениот дел од објектот, со што трошоците за отстранување ќе паднат на товар на инвеститорот – објаснуваат од Општина Центар.

Неизвесно е дали сопственикот ќе го испочитува решението на инспекторот, а уште понеизвесно е дали Општината ќе ги отстрани недозволено надградените два ката, доколку сопственикот сам тоа не го направи.

Преземено од: Слободен печат