Левица: Увозот на храна руши рекорди – Ни се заканува глад
- Реакција на Левица – Земјоделски сектор
Кризата од пандемијата, како и онаа со енергенси покажаа дека домашното производство на храна е незаменливо и претставува национален интерес. Земјите кои не се зависни од увоз на храна многу полесно ги пребродија кризите со пандемијата и енергенсите, додека земјите кои зависат од увоз на храна како нашата, се соочија со невидена инфлација и сиромаштија.
Според објавените податоци од ДЗС, состојбата со увоз на храна во земјава достигнува загрижувачки размери. Домашното производство на храна не е доволно да се задоволи домашната потрошувачка во текот на цела година, па голем дел од храната се увезува од странство. Увозот секоја година станува се поголем, додека домашното производство на клучните прехранбени производи се намалува.
Во 2022 година увезена е храна со рекордно највисока вредност од 894 милиони евра. Наместо овие пари да завршеа кај домашните производители, земјоделци и фармери, тие завршија во странство. За само 10 години увозот на храна е зголемен за 74%, или за увезената храна плаќаме 381 милион евра повеќе отколку пред 10 години.
Најмногу увезуваме:
-Месо (пилешко, говедско и свинско) за 148 милиони евра;
-Масти и масла за 98 милиони евра; и
-Млеко и млечни производи за 81,5 милиони евра.
Само за увоз на сирење и урда од странство сме потрошиле 31 милион евра. Додека увозот на млеко и млечни производи руши рекорди, бројот на крави се намалува, а производството е најниско во последните 10 години.
Жито, брашно и кондиторски производи сме увезле за 79 милиони евра. За шеќер и производи од шеќер на странците сме им дале 60 милиони евра.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, освен теренските пиар активности и сликањето, е целосно дезориентиран во поглед на долгорочна здрава стратегија за развој на домашното производство на храна. Министерот и Владата на СДС и ДУИ претставуваат елементарна непогода за македонското земјоделство, сточарство и воопшто за цела држава.