Костовски: Муцунски спроведува бетонизација на Лисиче позади грбот на граѓаните

Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, си купува ниви, па ги прави градежно земјиште, вцртува таму ДУП-ови со девет згради 10-12 ката, а неофицијално дознаваме дека во цело Лисиче се планираат околу 30 згради, објаснува во вчерашната епизода на Тешки муабети, советникот на Левица во Аеродром, Горан Костовски – Чиз.

-Ние дознаваме од самите жители во Лисиче дека градоначалникот си пуштил оглас за јавна анкета во школото во Лисиче и жителите таму пополнуваат дали се сложуваат со ДУП-от.

Тоа не беше поминато на Совет, допрва треба да поминува и беше ставена на кратко време, две недели да се пополнуваат анкетните листови, очигледно се сакало да не се дигне џева за десетте овие згради, а ние знаеме дека има и други.

Анкетата не беше никаде објавена, ни на Фејсбук, таа треба јавно објавена да биде, ни на огласна табла на општината немаше, имало низ Лисиче на две-три скришни места дека ќе има анкета. Видел некој од жителите и ни кажа на нас, проверивме во секторот за урбанизам и точно е дека се прават згради.

На овој блок кај што се планирани девет згради од 10 до 12 ката, се планира уште еден блок да се нацртаат исто такви згради и во центарот на Лисиче, кај трговскиот, или пазар што е и таму се планирани 5-6 згради.

Граѓани кои отишле во школото се жалат дека не ги пуштале да го пополнат, можело само до четири часот, а луѓето се до четири на работа. Нема онлајн верзија да се симне ПДФ-формат па да се пополни и да се однесе во општината.

Лисиче од населба за семејни куќи ќе стане бетонизирана населба, според нашите информации околу 30-тина згради ќе се градат, а се фалеше дека ќе прави паркови, ама ништо од зеленилото, објаснува Чиз кој додава дека членови на ВМРО-ДПМНЕ бараат помош од Левица за решавање на проблеми во општината.

-Во општина Карпош има предлог-анкета план во кој се предвидува изградба на црква, ново школо и градинка и две станбени згради. Тие протестираа, проблемот е што таму живее Мицкоски и проблем му е што таму ќе има две згради, а таму треба да се прави соборна црква за општината.

ВМРО-ДПМНЕ организираше протести, носеа луѓе од Ѓорче Петров, ја креваа темата, правеа фами таму, а сега не им пречи во Аеродром да се гради, додава Александар Митовски.