Учителката Ајше Челик заедно со нејзиното бебе во затвор во Турција, затоа што повика на мир

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Учителката Ајше Челик од Дијарбакр, Турција, којашто во 2016 година по телефон  на една Шоу емисија во живо порача „да престанат убиствата врз деца во југоисточните места Сур, Џизре и Нусајбин, како и овие случувања да не бидат прикриени од медиумите“ беше осудена на казна затвор од 1 година и три месеци поради наводно „ширење на терористичка пропаганда“. По барање на адвокатот издржувањето на казната беше одложено за шест месеци, поради тоа што Челик во тој момент имаше новороденче. По истекот на овој шестмесечен период на 20 април 2018 година судот заедно со нејзината шестмесечна ќерка ја префрли во затворот во Дијарбакр. Адвокатот на Челик побара одложување на казната за уште десет дена, додека да излезе одлука од Уставниот суд, којшто е единствен надлежен суд кој може да ја укине или да ја повлече оваа одлука, меѓутоа ниту барањето беше усвоено, ниту пак Уставниот суд проговори.

Помеѓу јули 2015 и декември 2016 година, додека траеше операцијата од страна на турските вооружени сили во местата Сур, Џизре, Јуксекова, Силопи, Нусајбин и други места на југоистокот во Турција, кадешто живее курдско население, при извршените напади врз центри на ПКК, а и врз цивилно население, загинаа голем број на невини жртви/цивили. Секојдневно умираа деца, жени, а за овие настани поголемиот број од медиумите остануваа неми. Цивилите беа убивани или протерувани, а нивните куќи палени.

На 8 јануари 2016 година, Ајше Челик додека траеше една од забавните Шоу емисии, поточно емисијата на долгогодишниот шоумен Бејазит Озтурк, која се емитуваше на канал Д, телефонски јавувајќи се од Дијарбакр јавно проговори за вистината којашто таму се случува и повика да не се молчи за истата

„Дали сте свесни што се случува во истокот и југоистокот на државата? Овде убиваат деца, жени… Вие како уметник и како човек не треба да бидете глуви и неми на ова што се случува и на некој начин би требало да кажете „Стоп“. Уште нешто сакам да кажам, некои луѓе и’ се ситат на смртта на овие деца кои умираат секојдневно, ние на тие луѓе нема што да им кажеме освен, смрам да им е…

Случувањата тука на многу поинаков начин се прикажуваат на медиумските екрани… Не останувајте глуви и неми, како луѓе пријдете со поголем сензибилитет, видете, согледајте, слушнете и веќе рака подајте ни’. Штета, деца нека не умираат, луѓето нека не умираат, мајките нека не плачат веќе“, рече Челик во своето јавување.

За време на нејзиниот апел, шоуменот Бејазит Озтурк заблагодарувајќи се ја поддржа Челик со повик за мир  и со аплауз заедно со неговата публика. По два дена тој јавно излезе во вестите на истиот канал и оградувајќи се од било каква политика јавно се извини, поради „пропустот кој го направил“, бидејќи веќе беше отпочната предистражителна постапка против Челик. Истражните органи ја поврзаа со наводна терористичка пропаганда.

Ајше Челик заедно со своето шестмесечно дете на 20 април беше затворена во ќелија предвидена за 20 лица, а кадешто вкупно има 42 лица, 39 осуденици и 9 деца. Нејзиното бебе не издржа во оваа ситуација и е испратено кај неговата баба, којашто секој ден го носи во затворот за да биде нахрането кај мајка му. Сето ова се случува бидејќи оваа жена јавно проговори за тероризмот кој го врши Турција врз населението во југоистокот, затоа што повика на мир, повеќе деца да не бидат убивани, повеќе мајки да не плачат.

Во Турција секојдневно писатели, новинари, професори па и секој кој јавно ќе повика на мир, против војна, е гонет и осудуван за наводно ширење на терористичка пропаганда.

 

текстот е превземен од Гласник