Левица: Уништувањето на железниците продолжува – Назначен директор без нималку стручност од областа
- Реакција на Левица – Сектор сообраќај
Владата, особено партијата СДСМ, повторно покажа некомпетентност во водењето на државата. Последното кадровско решение во врвот на раководната структура на Македонски железници ќе доведе до уништување на, и она малку што остана од железничкиот сообраќај во Република Македонија.
Имено, за директор на Македонски железници назначен е извесен Зуљхајрат Демири, човек со претходно работно искуство во угостителство и кој не е ниту експерт, ниту компетентен за оваа функција, а нема ни искуство за истата.
Владата со некомпетентни кадровски решенија ја игнорира железничката инфраструктура – еден од клучните столбови на сообраќајот на секоја држава. Наместо да инвестираат во модернизација на железницата, решени се сосема да ја запостават. Очигледно не се ниту спремни, а ниту заинтересирани да оживее овој полумртов сообраќај кај нас.
Ова е само еден од веќе бескрајниот број примери за незаинтересираноста на владата предводена од СДС кон она што е изградено досега како железничка инфраструктура.
По којзнае кој пат констатираме дека оваа власт немилосрдно ни ги уништува сите атрибути со кои можеме да се наречеме држава која држи до себе. Затоа јавно им ги поставуваме следните прашања:
-Дали го следеле досегашниот развој и плановите за идниот развој на железничкиот сообраќај во соседството?
-До каде е нивниот план за развој?
До кога патување од неполни 200 километри ќе трае повеќе од осум часа?
-Дали оваа држава и нејзината инфраструктура за нив воопшто има некакво значење, или служи исклучиво за задоволување на политички амбиции на поединци, лични профитерства и згрижување партиски послушници?
Левица остро се спротивставува на овие деструктивни трендови. Затоа ги повикуваме сите граѓани да се приклучат во борбата против некомпетентноста и ноншалантноста на власта и нивните инстант кадровски решенија додека инфраструктурата ни се распаѓа.
Не смееме да дозволиме квалитетот на нашите животи да биде дополнително уништуван поради политичките игри на овие неодговорни луѓе.