Левица: Институциите неми пред криминалите во пливачкиот спорт

  • Реакција на Политичката партија Левица

Бурните реакции кои настана во јавноста и на социјалните мрежи, откако претседателот Стево Пендаровски информираше дека, наводно поради блокираната сметка на Пливачка федерација, Охридскиот пливачки маратон кој е под покровителство на претседателот, оваа година нема да се одржи, придонесоа да се разбранува спортската, но и политичка јавност.

Сето ова резултираше да настане пресврт и за кусо време, да излезе на прес-конференција директорот на Агенција за Млади и спорт, Наумче Мојсовски и да објави дека сепак ќе бидат дел од организицијата на пливачкиот маратон во Охрид и дека тој сепак ќе се одржи.

Овој потег на Мојсовски е апсолутно лицемерен и очигледно има една единствена цел – собирање на политички поени, откако се крена огромна бука во јавноста.

Имено, извори блиски до Левица, неформално нѐ информираа дека претставници од Пливачка федерација на Македонија оствариле заедничка средба со претседателот Пендаровски и директорот за млади и спорт, Мојсовски, пред дваесеттина дена кога и биле одбиени под изговорот „блокирана сметка“, односно Пендаровски, како и Мојсовски ги известиле дека нема финансиски средства за маратонот.

Од ова се заклучува дека најпрво му дадоа црвено знаменце на Охридскиот маратон без никакво размислување, за потоа да испаднат спасители на истиот.

Очигледна е манипулацијата и искористување на маката на спортистите со која тие се соочуваат со години, со цел да се придобијат брзи политички поени со силен ПР, додека коренот на проблемот никако не се решава, ниту се покажува волја и иницијатива, туку само се маскира преку поддршка на овој настан, само затоа што го сврте вниманието на целата македонска јавност.

Директорот на АМС, Мојсовски, за состојбата во пливањето е запознаен веднаш по неговото стапување на функцијата, но истиот наместо да работи во насока на подобрување на условите во спортот, истиот дополнително ја отежнува лошата состојба во пливањето и спортот воопшто.

Токму поради блокираната сметка, за 2022 година ниту еден пливач, клуб, ниту пак Федерацијата добија ваучери за спорт од АМС. Исто така не беа одобрени средства за годишна програма за Федерацијата согласно Законот за спорт, со што се оневозможува репрезентативците да ја претставуваат Македонија на репрезентативни настапи.

Ова несомнено ќе продолжи и понатаму, со оглед на тоа дека со организацијата на Охридскиот пливачки маратон само се замачкува сликата пред јавноста, но не се решава долгорочно проблемот. Истото ќе се случи следната година, кога Федерацијата ќе се соочи со истиот проблем доколку сметката остане блокирана.

Левица инсистира директорот Мојсовски посериозно да се позанимава со овој проблем и да се активираат сите можни механизми за да се најдат криминалните структури кои се одговорни за блокираната сметка повеќе од петнаесет години, да се разрешат случаите против оние кои се води кривична постапка и сторителите да одговараат пред лицето на правдата, а спортистите конечно да можат да го добијат она за кое се борат и кое им следува.

Одблизу ќе го следиме процесот и доколку е потребна постојана бурна реакција од јавноста за да се мотивираат АМС да се решат проблемите, ние ќе бидеме тука да туркаме сѐ до конечно резрешување.