АктуелноИнтернационално

Захарова: Западот јасно ја покажа сета „злоба и завист“ поради добрите односи меѓу двете земји

По вчерашната средба меѓу кинескиот лидер Си Џинпинг и Владимир Путин, портпаролката на МНР Марија Захарова излезе со коментар дека Западот јасно ја покажал сета „злоба и завист“ поради добрите односи меѓу двете земји, особено во време кога Западот му дава значителна поддршка на Киев, и на секој чекор се обидува да ги попречи добрите односи на другите земји со Русија.

Западот не забележа дека двајцата претседатели зборуваа за повеќегодишниот конструктивен, а не деструктивен однос меѓу двете земји, од кој корист имаат не само Москва и Пекинг, туку и целиот свет, истакна Захарова во пораката што ја објави на Телеграм.

Во исто време, таа потсети на некои ограничувања што западните земји ги воведоа против Кина, под притисок на САД. Една од нив е, одлуката на Холандија да воведе забрана за соработка со Пекинг во областа на микрочиповите. Постои и тврдење на Канада, дека Кинезите се обиделе да се мешаат во тамошните избори. Од друга страна, во САД, покрената е антикинеска иницијатива за забрана за користење на кинеската мрежа TikTok. Ова се само некои примери на непријателски дејствија насочени против Пекинг, истакна таа.

За разлика од Западот, рускиот претседател во Москва го пречека својот кинески колега на искрен и пријателски начин.

Владимир Путин вчера во своето воведно обраќање до Си, кажа: „Кина во последните години постигна голем напредок во својот развој. Нема сомнеж дека тоа предизвикува голем интерес во целиот свет, па дури и малку ви завидуваме поради тоа“, со што Путин искрено го покажа своето воодушевување од досегашните достигнувања на кинеското раководство, потсети Захарова.

Рускиот лидер за време на средбата истакна дека е отворен за разговори за Украина и го пофали предлогот на Пекинг за прекин на конфликтот од 12 точки, кој вклучува повик за дијалог и почитување на територијалниот суверенитет на сите земји. Кина се обидува да се прикаже себеси како неутрална страна во конфликтот во Украина, но Вашингтон вели дека потезите на Пекинг би можеле да бидат „тактика на застој“ за помош на Москва.