Кина објави мировен план за Украина од 12 точки

Кина објави документ од 12 точки во кој детално се опишува нејзината позиција за украинската криза и повикува на прекин на непријателствата и мировни преговори.

Во документот под наслов „Позицијата на Кина за политичкото решавање на украинската криза“, кинеското Министерство за надворешни работи наведува дека Кина ќе продолжи да игра конструктивна улога во продолжувањето на мировните преговори.

1. Сите земји се еднакви

Првата точка од кинескиот предлог ја нагласува потребата од почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји, истакнувајќи дека „сите земји се еднакви, без разлика на нивната големина, сила или богатство“. Се укажува на потребата од иста и единствена примена на меѓународното право и отфрлање на употребата на двојни стандарди;

2. Нема менталитет од Студената војна

Во друга точка, Пекинг повикува на напуштање на менталитетот на Студената војна и посочува дека регионалната безбедност не може да се обезбеди со зајакнување и проширување на воените блокови. Според оваа точка, потребно е да се посвети должно внимание на легитимните безбедносни интереси и проблеми на кои укажуваат сите земји учеснички во конфликтот.

3. Престанок на непријателствата и прекин на војната

Во третиот пасус јасно е нагласено дека „во воен конфликт нема победник“. Пекинг смета дека сите страни мора да останат воздржани, да не долеваат масло на огнот, да не дозволат понатамошна ескалација и во никој случај да не дозволат украинската криза да излезе од контрола. Беше истакнато дека сите страни треба да придонесат за смирување на ситуацијата до целосен прекин на огнот и непријателствата. Кина ја нагласува потребата од продолжување на директниот дијалог меѓу Москва и Киев.

4. Мировни преговори

Кинеската страна наведува дека дијалогот и преговорите се единствениот вистински излез од украинската криза. Потребно е да се создадат услови и да се обезбеди платформа за продолжување на преговорите меѓу Русија и Украина.

5. Решавање на хуманитарната криза

Во кинескиот предлог за решавање на украинската криза, петтата точка е посветена на потребата да се поддржат сите мерки кои помагаат да се ублажат последиците од хуманитарната криза и да не се прифати политизација на хуманитарните прашања.

6. Заштита на цивили и воени заробеници

Кина ја поддржува размената на затвореници меѓу Москва и Киев и забележува дека сите страни треба да создадат поповолни услови за тоа. Во оваа точка беше истакнато дека за смирување на конфликтот неопходна е заштита на цивилите и воените заробеници.

7. Безбедност на нуклеарните централи

Според кинескиот предлог, неопходно е да се спречат вооружени напади врз нуклеарни постројки како што се нуклеарните централи.

8. Спречување на нуклеарна војна

Во својот план, Кина уште еднаш повикува на спречување на нуклеарна криза. Не смее да се започне нуклеарна војна, никој не може да се заканува дека ќе ја започне и не смее да се дозволи ширење на нуклеарно оружје. Покрај тоа, Кина силно се противи на развојот и употребата на биолошко и хемиско оружје од која било земја под какви било околности.

9. Извоз на жито

Кина ги повикува сите страни да се придржуваат до Црноморскиот договор за жито. Според Пекинг, решението за глобалната криза со храна може да се надмине со почитување на меѓународната соработка во областа на безбедноста на храната предложена од Кина.

10. Нема еднострани санкции

Кинеските власти не се согласуваат со злоупотребата на едностраните санкции што западните земји и ги воведоа на Русија поради почетокот на руско-украинскиот конфликт, бидејќи ограничувањата не помагаат за решавање на кризата, туку само создаваат нови проблеми.

11. Стабилна индустрија

Стабилното производство и синџирот на снабдување можат многу да придонесат за решавање на украинската криза, нагласува Пекинг и повикува да се спречи политизацијата на светскиот економски систем, кој не смее да се претвори во оружје против никого. Како што се наведува, кризата не смее да влијае на меѓународната соработка во областа на енергетиката, финансиите, трговијата со храна и транспортот.

12. Повоена обнова

Во последната точка од предлогот, Кина ја повикува меѓународната заедница да преземе соодветни мерки и наведува дека е подготвена да помогне и да одигра конструктивна улога во повоената обнова во зоната на конфликтот.