АктуелноЛокално

Државата нема слух за проблемите на дијабетичарите

Во моментов има недостиг на ленти за мерење на дијабетис од типот 2, а на лицата болни од дијабетис тип 1 им се даваат само по неколку ленти. Веќе 3 месеци немало ниту глукомери за мерење на шеќерот. Додека пак државата со години немала слух ниту за новата иновативна таблетарна терапија да ја стави на позитивната листа, па едно лице со дибаетис тип 2 мора месечно да одвои за лекови и до 50 евра.

Овие проблеми дополнети со честите кризи на недостиг на инсулин, крајно негативно влијаеле врз дијабетичарите во Македонија.

„Toa значи инфаркти, мозочни удари, кетоцитози, дијабетични стапала, ретинопатии, како се одложува лечењето или третманот веднаш имате компликација на краток рок. На долг рок имаме одлевање на пари во боледувања, исплата на трошкови за лечење на тие луѓе, наместо да ги набавиме посовремените и редовно и континуирано да им се даваат“, кажа Димче Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.

Исто така државата не ги става на позитивна листа ниту сензорите за континуирано мерење на гликемија за младите и децата дијабетичари, чиј број бил во пораст после ковид пандемијата. Овие сензори скоро секаде веќе се нормална пракса.

„За децата да избегнат по 10 пати да си ги боцкаат прстите, односно само со читач да можат да поминат преку рамото и да видат колку им е гликемијата, им обезбедуваат безбеден престој на нашите дечиња во градинка, во училиште, мирни ноќи на спиење, бидејќи ако детето не носи сензор ние родителите сме должни да ги местиме аларамите на нашите телефони на секои 2 часа да не будат за да им измериме гликемија за да не се случи она најлошото“, рече Наташа Деспотовска Димитриевска, родител на дете со тип 1 и претседател на Баланс МК, Асоцијација на детски дијабетис.