Денот на македонскиот јазик денес ке биде одбележан во Романија

Во Музејот на романската литература во Букурешт денеска 7 декември со почеток од 19 часот ќе биде одбележан Денот на македонскиот јазик.

Годинава во фокусот на одбележувањето ќе биде 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов.

На настанот за првпат ќе се читаат и нови препеви на поезијата на Шопов на романски јазик во препев на студентите од Лекторатот за македонски јазик. Ќе биде прочитана и поезија од други македонски и романски поетеси и поети, на македонски, на романски и на англиски јазик.

Во организација на „Слоу Фуд Македонија“, во рамки на настанот ќе биде реалзирана и дегустација на македонски вина и сирења од малите македонски производители. Ќе биде прикажан и туристички филм за Скопје, во продукција на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Денот на македонскиот јазик во Романија – 8 Декември, се одбележува од 2018 година. Датумот е поврзан со денот кога Македонската православна црква го одбележува својот патрон „Св. Климент Охридски-Чудотворец“, кој е прв македонски архиепископ, творец на Охридската книжевна школа и најзначаен македонски средновековен писател и педагог.