Кавадаречкиот Суд изгласа одлука со која ги казнува работничките од 20 илјади евра

Наместо по 130 илјади денари за три неисплатени плати и придонеси, седумдесетина поранешни работнички на текстилна фабрика од Кавадарци ќе треба да платат 20 илјади евра за судски трошоци. Ова е првостепена одлука на судија од Основен суд Кавадарци, поради која излегоа на протест поранешните вработени од фабриката. Тие се револтирани, бидејќи работодавецот им должел три плати, вклучувајќи и придонеси или 9,6 милиони денари за сите нив, а судот донел одлука дека не се во право.

„Судот констатирал дена не се утврдени побарувањата на работничките, дека вработените немаат докази оти во периодот кога тужеле, биле работно ангажирани во текстилната фабрика. По оваа одлука, тие треба да платат штета оти не земале плата. По ваквата судска одлука треба ли да се чудиме зошто граѓаните немаат доверба во судството? Работниците се оштетени, а правниот систем не ги штити“, кажа Кристина Ампева од граѓанското здружение „Гласен текстилец“.

Пресудата не е правосилна, странките имаат можност да ја обжалат пред Апелација Скопје.

Вработените сведочат како во тој период од фабриката каде биле ангажирани се пумпале средства во новоформираната фирма, која ја наследила сега згаснатата текстилна фабрика.

„Текстилната фабрика каде работевме пропадна од недомаќинското работење, од презадолжување во банките и инвестициите во фабриката за флаширање на минерална вода, а обврските се плаќаа од вработените во текстилната, кредити, побарувања, обврските спрема банките, камати. Се кратеше од платите на овие жени, работеа без здравствено осигурување, немаше за плати“, кажа Зора Мантева, сметководителка во поранешната текстилна фабрика.

Сопруг на поранешна вработена, која во меѓувреме починала, покажа пресуди на кавадаречкиот суд, каде првостепен суд го прифаќа нејзиното барање дека фабриката ѝ должи тогаш две плати, пресуда која е потврдена од Апелација.