Хуго Чавез вечниот борец за социјална правда и кошмар на американскиот империјализам

Денес се навршуваат 10 години од смртта на Венецуелскиот претседател Хуго Чавез, наследникот на Фидел Кастро и Че Гевара, вечениот противник на надворешната политика на САД и гласен критичар на американскиот неолиберализам и капитализам.

Хуго Чавез беше венецуелски политичар, офицер и претседател на Венецуела од 1999 до 2013 година.

Како водач на Боливарската револуција, Чавез ја промовираше својата идеја за демократски социјализам, интеграција на Латинска Америка и антиимперијализам. Чавез беше жесток критичар на неолибералната глобализација и надворешната политика на Соединетите Американски Држави.

Офицер по професија но и сликар, пишувач на поезија, проза и драми, на 4 февруари 1992 година го предводеше неуспешниот воен удар во Венецуела. Неколку стотици луѓе загинаа, пучот пропадна, а Чавез беше уапсен. Но, овој државен удар го направи Чавез исклучително популарна личност во Венецуела. По две години, тој беше помилуван од тогашниот претседател на Венецуела, Рафаел Калдера.

Чавез потекнуваше од сиромашно семејство со американско, африканско и шпанско потекло. Како млад офицер, тој ја прифати идејата дека кога владејачките класи ќе станат корумпирани, армијата мора да застане на страната на угнетените.

По излегувањето од затвор го основал Движењето за петта република. На претседателските избори во 1998 година, тој доби 56 отсто од гласовите, главно од сиромашните слоеви на венецуелското општество. Негови политички непријатели беа средната и високата класа, синдикатите, како и речиси сите медиуми во земјава. Таквата ситуација доведе до политичка поларизација во Венецуела, а како резултат на тоа, на 12 април 2002 година се случи државен удар во кој опозицијата ја презеде власта.

По востанието на сиромашните и поголемиот дел од армијата, Чавез беше вратен на функцијата претседател само два дена подоцна.

Чавез беше лидер на политичката партија Движење на петтата република од нејзиното основање во 1997 година до 2007 година, кога партијата се спои со неколку други партии за да ја формира Обединетата социјалистичка партија на Венецуела (ПСУВ), која ја водеше до неговата смрт во 2012 година.

Чавез постојано се спротивставуваше на надворешната политика на САД, која ја третираше Латинска Америка, а и денес ја третира како „сопствен двор“, правејќи преврати, војни и државни удари, како оној во Чиле, кога беше соборен и убиен легитимниот претседател Салвадор Аљенде.

На домашната сцена Чавез иницираше и постигна голем број реформи.

Во 1999 година, новото Уставотворно собрание на Венецуела гласаше за укинување на одредени владини институции и отпуштање корумпирани функционери. Собранието прогласи и „вонредна состојба во судството“ и почна со реформи во правосудниот систем.

Истата година, Чавез започна социјална програма наречена „План Боливар 2000“, која вклучуваше бесплатна медицинска нега и вакцинирање, продажба на храна по ниски цени и ангажирање на 70.000 војници, морнари и воздухопловци за поправка на патишта и изградба на болници.

Неговите поддржувачи гласаа за новиот устав на Венецуела и го заменија старото, дводомно собрание со ново, еднодомно собрание, што ја овозможи и забрза Боливарската револуција во Венецуела.

На меѓународно ниво, Чавез им се придружи на марксистичко-ленинистичките влади на Фидел, а потоа и на Раул Кастро во Куба, како и на социјалистичките влади на Ево Моралес во Боливија, Рафаел Кореа во Еквадор и Даниел Ортега во Никарагва. Неговото претседателствување беше дел од социјалистичката „црвена плима“ што ја зафати Латинска Америка во тоа време.

Денес, огромното мнозинство на земји од Латинска Америка имаат социјалистички или комунистички влади, вклучувајќи ги Колумбија и Мексико. Сите тие се направени по моделот на Куба на Кастро и Венецуела на Чавез.

Во 2010 година, Чавез објави „економска војна“ на високите општествени класи во Венецуела поради предизвикување вештачки недостиг на стоки во земјата.

Чавез се спротивстави на инвазијата на Авганистан во 2001 година. Тој ја опиша војната како „борба против тероризмот преку тероризам“, обвинувајќи ја американската влада за „масакрирање на невините“.

На 20 септември 2006 година, тој беше поканет да зборува пред Генералното собрание на Обединетите нации и оддржа говор кој и ден денес се памети.

Чавез, силно ги критикуваше американските хегемонистички војни што оваа „империја“ ги водеше низ светот.

Чавез тогаш го нарече тогашниот американски претседател Џорџ Буш „ѓавол“ и го изедначи постоењето на американската хегемонија со „закана за опстанокот на човечкиот вид“: „Хегемонистичките претензии на американската империја го загрозуваат самиот опстанок на човечкиот вид. Предупредуваме на оваа опасност и апелираме до граѓаните на САД и светот да престанат со оваа закана, која е како меч што виси над нашите глави. Мислам дека ова треба прво да го слушнат нашите браќа и сестри во Соединетите Држави, бидејќи оваа закана е во нивниот дом“.

Чавез ги предупреди народите во светот „да не дозволуваат консолидација на светската диктатура“:

„Тие велат дека сакаат да наметнат демократски модел. Но, тоа е нивниот демократски модел. Тоа е лажна демократија на елитите, многу оригинална демократија која се наметнува со пушки, бомби и насилство. Каква чудна демократија!

Овој говор е актуелен и денес, можеби уште поактуелен отколку кога се одржа пред Собранието на ОН. Чавез, всушност, зборуваше за мултиполарниот светски поредок, тој „кошмар на американскиот империјализам“, кога „луѓето и нациите се креваат“ спротивставувајќи се на светскиот хегемон.

„Владата на Соединетите Американски Држави не сака мир. Таа сака да го искористи својот систем на експлоатација, грабеж, хегемонија преку војна. Тие велат дека сакаат мир, но што се случува во Ирак? Што се случи во Либан, Палестина? Што се случуваше за последните 100 години во Латинска Америка и во светот?

Чавез почина од рак во Каракас, главниот град на Венецуела, на 5 март 2013 година. Тој беше заменет со Николас Мадуро, против кого САД исто така извршија државен удар. Пучот набрзо неславно пропадна, иако западните земји побрзаа да го признаат опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за претседател на Венецуела.

Претседателот Мадуро под портретот на командантот

Николас Мадуро  ќе каже „Сега, по десет години“, „можам да кажам дека нашиот сакан командант Чавез не отсуствуваше од нашата борба. Со своите мисли тој е присутен во секој колективен напор, во нашата желба за борба и во секоја победа на љубов кон татковината Да живее нашиот командант Чавез и моќната работничка класа!“

За Чавез е снимена популарна телевизиска серија од 60 епизоди насловена „Ел Команданте“.