Стојков: Признавањето на македонското малцинство ќе го сруши митот за „Голема Бугарија“

Најголемиот дел од Македонците во Бугарија се плашат јавно да говорат за својот идентитет, тврди професорот Стојко Стојков, лидер на ОМО Илинден Пирин. Во интервјуто за Плусинфо тој ја открива „темната страна“ на политиката на Бугарија, но и координираната соработка со Грција, кога се во прашање Македонија и Македонците.

Според Стојков, доколку Бугарија го признае македонското малцинство, тоа значи дека ќе го сруши митот за бугарската великодржавна идеја за „Санстефанска Бугарија“.

„Затоа што тоа го руши митот за славна и голема Бугарија. Како што забележал Черчил балканските народи се натоварени со повеќе историја отколку што можат да поднесат. А јас би додал – тие и немаат ништо друго преку што да претендираат за некоја големина. Тоа е проблемот што и Грција и Бугарија го имаат со македонските малцинства но и со македонската нација генерално. Нивното постоење само по себе демонстрира дека и грчката и бугарската официјални верзии на историјата се едноставно невистинити. Затоа гледаме дека двете држави координирано работат на асимилација на македонските малцинства и демакедонизација на македонската држава. Опасноста е идеолошка – ниту македонските малцинства имаат сила (да не зборуваме за желба) да ги загрозат некако овие држави, а ниту македонската нација или држава. Зборуваме за патологии на национализмот, а не за проблеми од реалниот живот.“

Во продолжение од интервјуто за Плусинфо Стојков додаде дека проблемот не е само во Бугарија, туку и во политиките кои ги води Македонија, констатирајќи дека македонското малцинство во оваа земја е тотално разочарано од политичарите.

„Тотално. И не само јас – туку и сите Македонци во Бугарија. Македонските политичари во последните 30 години покажаа комплетна незаинтересираност за македонското малцинство во Бугарија наспроти уставните обврски што ги имаа. Имаа можност со малку повеќе напор да го решат ова прашање во 1998 година кога Бугарија имаше потреба од договор со Македонија за да започне преговори за влегување во ЕУ, но наместо тоа тие тогаш го предадоа македонското малцинство – се откажаа од него па и го релативизираа македонскиот јазик. Стапицата во која се наоѓа сега македонската држава ќе беше невозможна без оваа комплетна негрижа и немање државничко и национално мислење кај голем дел од македонската политичка елита.“