АктуелноИнтернационално

Македонска балерина помеѓу идните ѕвезди на Русија

Стефанија Гаштарска е првата македонска балерина која своето образование го заврши во престижната Бољшој балетска академија со најдобрите оценки. Таа е добитник на специјални дипломи за најдобар студент на академијата. Стефанија има многу настапи до сега на сцената на Бољшој театарот, на концерти, на важни настани, на гала концерти, гостуваше и во Атина со целовечерна претстава на „Оревокршачка“, каде ја имаше главната улога. Турнејата и беше организирана од Академијата.

Руското издание на списанието „Форбс“ ја вклучи македонската балерина Стефанија Гаштарска на листата на осумте идни ѕвезди во Русија.

Дваесетгодишната Стефанија почна да се занимава со балет на девет години во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на Дафина Данилоска-Кочевска. На 15 години замина да учи во државното училиште во Перм (Русија), едно од најстарите балетски школи кои работат по Ваганова методот, а образованието го продолжи во Академијата за балет на Бољшој.

Maкедонската балерина на 16 години настапи во Бољшој, играјќи ја принцезата Аурора од балетот „Заспаната убавица“ на балетската гала вечер посветена на кореографот Мариус Петипа, на која настапија 240 претставници од најдобрите балетски школи во Русија.

За една сезона изигра седум главни улоги во најголемите класични дела. На гостување во театарот „Михајловски“ во Санкт Петербург играше во „Лебедово езеро“ и критичарите ја споредија со Ана Павлова.

„Мекоста и тежината на нејзиниот танц точно го одразуваат нејзиниот кореографски стил“, вели „Форбс“.