Оризопроизводителите од Кочанско најавуваат нов протест

Оризопроизводителите во Кочанско пак се подготвуваат за нови протести и блокади на патиштата, затоа што надлежните не одговараат на нивните барања за средба. Не им се исполнети ветувањата дека цената на оризот ќе се зголеми и дека ќе бидат исплатени сите заостанати субвенции.

Пред десетина дена тие најавија протести, но ги одложија затоа што во подрачната единица на Министерство за земјоделие во Кочани им било кажано дека до празникот 14 февруари треба да бидат исплатени субвенциите на лозарите, а веднаш потоа и на оризарите. Но, оризарите се категорични, ако тоа не се случи до 18 февруари, тие ќе ги радикализираат своите активности со блокади на патиштата.

„Баравме средба со првите луѓе во Владата и Министерството за земјоделство, но до сега тоа не се случи, тие се оглушуваат на нашите барања веќе со години. Бараме покачување на цената на оризовата арпа и да бидат исплатени сите заостанати субвенции за 2021 и 2022 и дополнителните 3,5 денари за секој откупен килограм оризова арпа“, вели претседателот на Одборот на оризопроизводителите Здравко Арсов.

Во Кочанско пред неколку години околу 4.000 оризопроизводители посејуваа над 5.000 хектари, но во последните две години голем број производители поради неповолните цени, високите трошоци, проблемите со наводнувањето и нередовната исплата на субвенциите се откажаа од земјоделската дејност и заминаа во странство.