Новите поскапувања на прехранбените продукти го префрлаат товарот на кризата врз најсиромашните слоеви во општеството

  • Реакција на политичката партија Левица

Анти-кризните мерки, кои само ја ублажија економската криза во Македонија, од утре престануваат да важат. Цените на основните прехранбени продукти, кои веќе се покачени за речиси 13% во однос на минатата година, сега се очекува дополнително да пораснат дури и 15-20% – товар што несомнено најмногу ќе ја погоди работничката класа и останатите безимотни класи и страти во Републиката.

Владата предводена од национал-шовинистичките ДУИ и номиналните социјал-демократи фокус ставија единствено на исполнување на националистичките хирови на Бугарската надворешна политика. Премиерот Ковачевски, кој никогаш не беше изгласан од широките народни маси и е свесен дека не постои сценарио во кое тој ќе ги добие наредните избори, останува комплетно глув на реалните проблеми на граѓаните.

Наместо активна работа во интерес на закпренување на економијата и зголемување на производствените капацитети на Републиката, подржана со прогресивно-редистрибутивна даночна политика во интерес на безимотните класи, неговата политика и понатуму продолжува да оперира во комплетно различна сфера, поданички настроена кон интересите на „меѓународната“ заедница и спротивна на интересите на граѓаните на Република Македонија.

Несомнено е дека товарот на кризата повторно ќе го понесе работничката класа и оние кои природно своите интереси ги препознаваат во политичката борба на работниците преку партијата Левица. Олигархијата, која го чува грбот на бизнис тројката составена од СДСМ, ДУИ и фејк опозиционерската ВМРО-ДПМНЕ, ќе нема проблем да плати зејтин од 150 денари – работниците кои земаат 18 илјадарки месечно ќе имаат.

Но токму власт предводена од бизнис партии нема никаков интерес да ги чуе и да ги застапува правата на сиромашните. Сиромашниот не ги спонзорира изборните кампањи на овие партии, ниту им ги плаќа скапите летувања на министрите. Тоа го прават олигархијата и претставниците на „меѓународната“ заедница на кои нашата власт се умилкува.

Затоа и не изненадува фактот што најголемите партии во Републиката со години наназад тераат анти-работничка и анти-народна политика, комплетно спротивно на АСНОМ-ските темели на нашата државност, зголемувајќи го јазот помеѓу класите и продавајќи ги националните интереси за ситни индивидуални привилегии.

Во овие моменти на економска нестабилност потсетуваме дека Македонија има над 150 илјади хектари необработено земјиште! Една социјал-демократска влада, која би требало да се заложи за намалување на класните разлики во општеството, мора да се заложи Републиката да има високо производство на основните прехранбени продукти.

Левица, од позиција на власт, преку гарантирање на откупот на земјоделските прозиводи, радикално ќе го стимулира производството и нема да дозволи Републиката повторно да се најде во позиција во која бизимотните класи ќе стравуваат како ќе успеат да набават храна до крајот на месецот.