АктуелноЛокално

(Фото) Како изгледаше полициска опсада на Скопје за роденденот на Гоце

За роденденот на Гоце, полициска опсада на Скопје на површина од околу 800 000 метри квадратни.

Интересно е тоа што полициската опсада не беше само околу црквата Св. Спас, каде што е вечното почивалиште на апостолот на македонската борба и татко на македонската нација, револуционерот Гоце Делчев, туку полициска опсада имаше и наоколу во периметар околу „амбасадата на Калето“.

Опсадата на Скопје почнуваше од Мостот Слобода, во правец кон МНР, покрај МОБ до Плоштадот Скендербег. Полициска опсада имаше буквално во секоја уличка во Старата скопска чаршија во која сите приоди до црквата Св. Спас беа блокирани со полициска ограда. Можеше низ чаршија само низ периферните улички. Полициската опсада беше сконцентрирана до Француските гробишта. Улицата Самоилова, од под Кале, каде синоќа имаше граѓанска ноќна стража, на 200 метри пред Црквата Св. Спас, до Француските гробишта беше целосно блокирана со полициска ограда и полициски кордон од полицајци во целосна опрема.

Од Француските гробишта по Самоилова, која потоа станува Лазар Личеновски, улиците кои прават обрач околу Америчка амбасада беа пуштени за пешаци, но на нив имаше зголемено полициско присуство. На местото каде улицата Лазар Личеновски излегува на Мостот Гоце Делчев имаше силен полициски кордон, а со тоа пристапот на поголема група граѓани во правец на Америчка амбасада беше буквално оневозможен, чиниш народот денес имаше намера да се упати на поклон во Амбасадата, а не кон Делчев. Огромно полициско присуство имаше и на улицата 11 ти Март, помеѓу Музејот на холокаустот и музејот на Македонската револуционерна борба. Полиција можеше да се види и на ѕидините на тврдината Кале.

Оваа опсада имаше и полублокада со полициска ограда на Камени мост и полублокада со полициска ограда на соседниот Пешачки мост. Покрај сево ова имаше и полициски хелихоптер кој постојано кружеше околу оваа со полиција опседната површина од околу 800 000 метри квадратни.  Природно се наметнуваат неколку прашања:

Прво, ако договорот со Бугарија ги реши сите проблеми со Бугарија тогаш од каде вакви тензии кои резултираат со опсада на Скопје во површина од 800 000 метри квадратни со полициски сили?

Второто прашање, кое отвара нови потпрашања, е што обезбедуваа денес полициските сили на македонската држава?

Обезбедуваа негатори на македонскиот народ  да не можат да поплукаат на Делото на Делчев, или ја заштитуваа власта од сопствениот народ, со оглед на тоа што не смееја граѓани да припарат до гробот на Делчев дур таму имаше делегација од власта?

Или пак можеби ја заштитуваа Америчката амбасада со оглед на тоа дека огромно полициско обезбедување имаше во обрач околу цела Америчка амбасада, а пристапот до неа од два правци беше блокиран?