Крмов: Случаите со Мијалков и Бучковски се потврда за 3% доверба во правосудството

Во гостување, пратеникот од Левица, Борислав Крмов, се осврна на ниската доверба во правосудството, каде ги истакна случаите со поранешните функционери Сашо Мијалков и Владо Бучковски.

„Oправдана е таа огромна недоверба  од 3 посто во судството. Погледнете го Мијалков, него ќе му застарат случаите, исто како случаите со Даравелски и Бучковски за тенковите. Луѓе кои се богати и кои имаат силно влијание или сегашни и бивши политичари не лежат. 

Значи човекот што украде 100 ќебапи е криминалец, а човекот што украде 100 милиони евра е бизнисмен и не можеме да го кочиме, тој ќе инвестирал тука. Значи се додека постои таа спрега на судии и обвинители и извршна власт нема да имаме судски реформи. На пример, во бомбите кои ги слушавме беа спомнувани судии со име и презиме од тефтерот на ВМРО-ДПМНЕ кои ги контролирале и ги користеле за некои процеси. Дали СДСМ ги смени тие судии ? Не, сега ги гледате истите тие судии во одредени процеси беа фактички џелатите на ВМРО-ДПМНЕ, само ја сменија политичката страна и ја продолжија нивната функција. 

Утре ќе дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт и истите тие судии ќе се прешалтаат на другата страна. Значи на нас ни требаат коренити промени.  Ваквите судии и обвинители потекнуваат од корумпираниот систем и од партиите на власт и секој нов кадар којшто излегува е на некој начин врзан за нив.  И затоа, владејачките партии не можат да реагираат против судиите и обвинителите кои ти ги создале. Само Левица е единствен независен субјект кој што би можел тука да пресече и да го реформира судството како што треба.” – истакна пратеникот од Левица.