АктуелноИнтернационално

Експресно ќе се воведат пет мерки против инвазијата на илегални мигранти од Албанија

Стотици Албанци излегоа на улиците на Лондон пред две недели при прославата на албанскиот национален празник, а британските медиуми објавија дека тие фрлале петарди и непрекинато свиреле со сирените со што толпата предизвикала гнев кај возачите што заглавија во сообраќајниот хаос.

После ова Велика Британија експресно подготви низа мерки за забрзано враќање на илегалните мигранти од Албанија кои го преплавија британскиот остров и за ова склучи договор со Тирана.

Речиси секој трет илегален мигрант кој влегол во Велика Британија во последната година доаѓа од Албанија, покажуваат податоците на британското Министерство за внатрешни работи. За помалку од една година, во 2022 година, пристигнаа дури 12.000, додека една година претходно беа само 800. Затоа министерката за внатрешни работи на Велика Британија, Суела Браверман неодамна изјави дека се под инвазија на Албанците .

Британскиот премиер Риши Сунак на Твитер објави дека е постигнат договор со Албанија за забрзано враќање на илегалните мигранти од Велика Британија во таа земја, што содржи пет клучни точки.

Бидејќи најголемиот број илегални мигранти пристигнуваат со мали чамци преку каналот Ла Манш, првата мерка ќе биде формирање команден центар за контрола на каналот при пристап на мали чамци.

Друга мерка е дека Националната агенција за криминал, ќе добие двојно зголемен буџет за борба против илегалната имиграција.

Исто така, ќе бидат вработени уште 200 службеници за контрола на незаконското работење, со што, како што наведува Сунак, бројот на проверки во тој реон ќе се зголеми за 50 отсто.

Четвртата мерка е преместување на околу 10.000 мигранти, кои се сместени во скапи хотелски сместувања, во нискобуџетни места, како што се напуштени паркови за одмор или поранешни студентски домови.

Петтата мерка е удвојување на бројот на службеници и поедноставување на процедурата за азил.

Сунак очекува дека благодарение на овие мерки продуктивноста на службите кои се занимаваат со проблемот со илегалните мигранти ќе се зголеми тројно.

Зборувајќи во Долниот дом на британскиот парламент, Сунак рече дека промените што ги најави ќе резултираат со отфрлање на „огромното мнозинство“ албански барања за азил.

Тој додаде дека апликантите ќе можат да добијат азил само доколку докажат дека се жртви на трговија со луѓе или модерно ропство и дека самото сомневање нема да биде доволно.

„Ова, како и другите измени, ќе доведат до тоа да најголемиот број барања на Албанците бидат прогласени за неосновани и тие брзо ќе бидат вратени во нивната земја“, рече Сунак, додавајќи дека сака истото да се случи и со Албанците кои веќе илегално влегле во земјата, објавија британските медиуми.