АктуелноЛокално

(Видео) Левица – Гевгелија не е против вработувања, туку е против партиски вработувања

  • Обраќање на Саше Јанчев – Советник од Левица во Општина Гевгелија

На деветнаесетта седница на Советот на Општина Гевгелија покрај другото на дневен ред имаше и планови за вработување во Општината и во општинското јавно претпријатие. Истите не беа гласани од советникот на Левица во Советот на Општината првично поради нетранспарентноста во досегашните вработувања што укажува на опасност од партиски вработувања.

Во продолжение дел од излагањето на Советникот на Левица во Советот на Општина Гевгелија, Сашко Јанчев:

“Јас и мојата политичка партија Левица не сме против вработувања ниту во органите ниту во институциите на Општина Гевгелија. Ние сме против партиски вработувања, а тоа е колосална, квалитативна разлика оти таков тип на клиентелизам е рак рана кој што ја убива Македонија.

Пластично кажано, партиско вработување е феномен кога граѓанин прифаќа да гласа за ликови со сомнителни лични квалитети, а за возврат да добие вработување. Резултатот е што на тој начин недоветни ликови, на кои не треба ни една нацртана овца да им се даде на чување, им се дава да ја чуваат државата. Истите после државата ја раскрчмуваат парче по парче, а пак резултатот од тоа е ова дереџе на кое што сме сега.

Мој минорен придонес во борбата против тој клиентелизам беше мојата иницијатива за објавување на огласите за вработување и на намерите за работно ангажирање на луѓе во општинските органи со договори на дело на веб и Фејсбук страните на Општина Гевгелија.

Таа иницијатива на дванаесетта седница на Совет, ја усвоивме што значи дека таа одлука е обврзувачка за општинската администрација.

Арно ама што се случи? Имаше еден оглас за вработување во Одделение за финансии и тој оглас беше објавен ама беше објавен на начин на кој на никој не може да му биде јасно за што станува збор. Видовид да беше човек немаше да знае дека станува збор за оглас за вработување.

За други работи ние гледаме многу живопосни објави на Фејсбук страната на Општината. Со големи букви, одбрани зборови, слики, со видеа од дронови но за ова тоа не беше направено.

Според информациите кои ги добив јас, во образовните општински институции и во градинката, од деветнаесетти јули, откако е изгласана таа одлука, ние имаме околу дваесетина луѓе кои поминале на неколку огласи, имаме луѓе кои биле ангажирани со договори на дело, но ништо од тоа не беше објавено.

Првиот оглас беше објавен катастрофално и од лошо отидовме на бетер. Потоа воопшто не се почитуваше одлуката, ништо не беше објавено.

Јас, се дур не видам уредно објавен оглас и намери за склучување на договори за дело на Фејсбук и веб странатите на Општина Гевгелија согласно Одлуката што ја донесовме на дванаесетта седница нема шанси да гласам за никаков план за вработување, иако во некои од денешните планови за вработување има работни места кои сум уверен дека вистински се потребни.”