Санкциите залудни, Русите купуваат само домашни производи

По почетокот на конфликтот во Украина, многу големи западни компании најавија повлекување од рускиот пазар и прекин на инвестициите и увозот.

Економистите од швајцарскиот универзитет Сент Гален велат дека повеќе од 1.400 бизниси одлучиле да ја напуштат Русија во текот на изминатата година, вклучувајќи производители на електроника, трговци на мало, производители на автомобили, брендови за облека и храна, хотели, банки и синџири на ресторани. Сепак, и покрај загриженоста дека овој тренд ќе и наштети на руската економија, тој всушност го поттикна развојот на домашната индустрија.

Речиси половина од Русите нашле домашни замени за странски производи кои се недостапни во земјата поради западните санкции.

Во текот на минатата година, 47 отсто од руските жители „целосно се префрлиле или почесто почнале да купуваат производи од домашни брендови“, покажува истражувањето на компанијата „НилсенИК“, чии резултати ги објави РИА Новости.

Третина од испитаниците не ги промениле своите навики и продолжиле да купуваат од истите производители како и пред 2022 година, а 17 отсто се префрлиле на нови брендови, вклучувајќи ги и странските.

Аналитичарите оценуваат дека сегашната ситуација претставува добра можност за раст за руските производители. Рускиот претседател Владимир Путин рече дека заминувањето на западните брендови значи дека „домашните производители добија единствени можности за развој што мора да ги искористат“. Тој додаде дека производителите имаат можност да заземаат ниши кои до неодамна им беа затворени поради конкуренцијата од светските играчи.