На денешен ден излегла од печат збирката песни „Бели мугри“
На социјалните мрежи Левичарскиот институт Рацин објави:
На денешен ден, 25 ноември 1939 година во градчето Самобор, во непосредна близина на Загреб во Хрватска, излегла од печат збирката песни „Бели мугри“ од македонскиот поет и комунистички револуционер Кочо Рацин.
Збирката претставува извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна.
Таа е антологија на болките и страдањата на македонскиот народ – експлоатацијата на тутунопроизводителите, на монополските работници и на надничарите. Покрај ова, таа е проткаена со борбеност и револуционерен дух. Таа претставува стремеж за афирмација на македонската национална култура.
„Бели мугри“ била создадена под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ од Браќата Миладиновци. Највпечатливи мотиви во Рациновите песни се: аргатската мака („Денови“ и „Селска мака“), социјално-класната неправда („Тутуноберачите“), револуционерен повик („Копачите“), патриотски мотиви („Елегии за тебе“, „Уторото над нас“ и „Татунчо“), жал за пропаднатите занаети („На Струга дуќан да имам“) и печалбарската тага („Проштавање“).
… Деј гиди горо зелена!
Деј гиди водо студена!
Пилците пеат — ти плачеш,
слнцето грее — ти темнеш.
…
да ли еднаш ќе изгрееш
силно, силно, дури милно
над долови и над гори
над полиња и над реки
над моата татковнина?
(*извадок од „Елегии за тебе“)