По воздушните Ердоган најавува и копнени напади врз Курдите
Ердоган навести голема воена офанзива во Сирија против курдските милитанти откако пограничните градови беа погодени од ракетни и минофрлачки напади. По ракетниот напад во јужна Турција Реџеп Таип Ердоган рече дека нападите на турските воздухопловни сили во Сирија може да бидат поддржани од копнени сили.
„Оваа воена операција нема да биде ограничена само на воздушни напади. Потребно е копнените сили да бидат вклучени овде. Нашите релевантни единици, нашето Министерство за одбрана и нашиот Генералштаб ќе одлучуваат заедно. Во моментов се прават консултации, а потоа ќе ги преземаме нашите следни чекори“, рече Ердоган на враќање од Катар во Турција, откако присуствуваше на церемонијата на отворањето на Светското првенство.
Сигналот испратен од претседателот Ердоган за голема воена операција, вклучително и копнени сили, дојде откако курдските милитанти во Сириските демократски сили, ЈПГ организираа уште еден ракетен напад врз Газиантеп во јужна Турција.
„Според првите информации, тројца наши граѓани ги загубија животите, меѓу кои еден наставник и едно дете, поради минофрлачки оган што погоди станбена зона“, рече министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу во парламентот.
Според Канцеларијата на гувернерот на провинцијата Газиантеп, пет проектили, вклучително и минофрлачки оган, биле истрелани од Сирија од милитантите на ЈПГ.
ЈПГ беше главната воена сила која се бореше против Исламската држава, во северна Сирија и беше поддржана од САД и другите западни земји, но Турција вели дека тоа е само сириски огранок на забранетата Курдистанска партија ПКК. Иако ЈПГ и ПКК негираа вмешаност, турската влада обвини дека забранетата ПКК и ЈПГ стојат зад бомбашкиот напад во Истанбул на 13-ти ноември во кој загинаа шест лица, а десетици беа повредени.