Времето на индиферентноста помина
- Фејсбук статус на Јован Крајевски – член на Президиумот на Политичката Партија Левица
Времето на индиферентноста помина – удобноста на статус квото ја нема повеќе.
Сите страти на работничката класа тонат во сиромаштија. Инфлацијата најмногу се чувствува на производите за потрошувачка кои секојдневно мораме да ги набавиме – храна, пијалоци, бензин. Режиските трошоци се покачуваат секој месец. Цели сектори колабираат, оставајќи не во прекаријатна положба.
Средната класа (ситните производители и претприемачи) дозна што значи тоа класна мобилност, но во надолна насока. Ги губат своите бизниси и се пролетеризираат. Да мечтае ситната буржоазија дека ќе порасне и ќе се придружи на капиталистичката класа сега е нереално колку што е контра-револуционерно – работникот е нивниот единствен сојузник!
Капиталистичката класа веќе се консолидира – во рамките на сопствените држави, но и надвор, впуштајќи се во добро промислени војни кои единствено служат да ја ослабат позицијата на оние кои својот интерес го гледаат на страната на колонизираните против империјалистите.
Статус квото е стеснето. Ако некогаш имаше подлога каде што добро ситуираните работници од програмерските и менаџерските страти и делови од средната класа можеа комотно да егзистираат во сигурноста и удобноста резервирана за капиталистичката класа, денес таа подлога наликува на игла, од која секој е осуден евентуално да падне.
Ова е предвечерието пред бурата, убиственото затишје пред големите општествени преврати кои следат. Наше е со време да избереме страна, затоа што, како што вели Хауард Зин, невозможно е да си неутрален на воз во движење. Затоа бирајте, пред другите да изберат за вас!