МДС: Зарем студентите треба да поминат низ пекол на сиромаштија за да станат академски граѓани?
Македонскиот дипломатски синдикат со поддршка за студентите и нивните барања.
Имено, од синдикатот потенцираат дека силно ја поддржуваат борбата на студентите за зачувување на нивниот животнен стандард и достоинство.
-Недозволиво е на грбот на една од најранливите категории да се спроведува штедење на исхрана, греење и хигиена. Се работи за наши деца, наши синови и ќерки, но и наши идни колешки и колеги. Зарем треба да поминат низ пекол на сиромаштија и понижувања за да станат академски граѓани?
Студентските денови треба да останат во нивната меморија како најубав период во животот, период на стекнување нови знаења, нови пријателства и подготовка за идниот професионален живот, а не како мрачен период на изгладнување, смрзнување и нечистотија – се наведува во соопштението од Македонскиот дипломатски синдикат.
Од таму ја потенцираат и многу лошата состојба во која се наоѓаат студентските домови во земјава.
-Жално е, кога ќе погледнеме какви се студентските домови низ регионот и низ Европа, кои најчесто се користат преку лето и како хотели, а какви се нашите. МДС ги охрабрува студентите да продолжат со своите најлегитимни можни барања за хумани услови за живот и достоинство – стои во соопштението од Извршниот одбор на Македонскиот Дипломатски синдикат.
Веста е превземена од skopjeinfo.mk