Глобализацијата и јазикот

Речникот на Oxford јазикот го дефинира како „главен метод на човечка комуникација, кој се состои од зборови употребени на структуриран и конвенционален начин и пренесени со говор, пишување или гест“. Јазикот, како главен метод на човечка комуникација во едно општество е во голема взаемна поврзаност со културата (начинот на живот) во едно општество. Односно, јазикот кој го користиме има големо влијание врз тоа како се однесуваме и гледајќи низ историјата преку јазикот можеме да увидиме многу културни обележја, конкретно во Македонија, пример се народните поговорки (молчењето е злато), имињата/презимињата (Трпе/Трпевски) итн. Поентата зошто го пишувам ова е да покажам дека јазикот, како дел од културата, има огромно влијание врз секојдневниот живот и каква е улогата на енормното ширење на Англискиот јазик во глобални рамки.

Англискиот јазик е јазик пред глобализацијата. Англискиот јазик е јазикот после глобализацијата. Глобализацијата и Англискиот јазик одат рака под рака. Овој јазик игра голема улога во прогресот на глобализацијата. Глобализацијата на размена на пазарни добра, покачување на диверзитетот на работната сила со различни вредности, проширување на американските медиуми го имаат засилено значењето на користењето на Англискиот јазик.

Човекот го користел јазикот како медиум за комуникација со илијадници години, денеска во голема рака благодарение на глобализацијата Англискиот јазик е најважен кога станува збор за комуникација. Англискиот јазик е потребен за напредок во кариера и едноставно ако човек не знае англиски на некој начин е одсечен од содржините во глобалните медиуми (интернет, тв серии, филмови, видео игри.)

Користењето на англискиот јазик во изминатиов половина век се има променето драстично, односно Англискиот јазик од еден од странските јазици кои се изучувале станува главниот странски јазик кој се изучува и се наоѓа во курикулумот на секоја држава, како и во Република Македонија. Англискиот јазик се наоѓа во курикулумот од прво одделение, основно образование до четврта година средно образование, независно дали е стручно или гимназиско.

Во овој глобален свет Англискиот е јазикот на бизнисот. Англискиот јазик не се користи само во интернационална комуникација, се повеќе и повеќе се користи и внатре во самата компанија/држава за комуникација. Англискиот јазик е официјалниот јазик за летање со авиони, поштарина, убедливо водечки јазик во науката и во технологија, компјутерите и многу важен медиум за образование (како официјално така и неофицијалното, односно неконвенционалното образование). 

Според The Language Conservancy секои 40 дена умира еден јазик, односно не постои население кое активно го користи тој јазик. Исто така мора да се спомене дека Англискиот јазик, иако има околу 370 милиони луѓе кои го говорат како свој мајчин јазик, наспроти на пример кинескиот мандарински јазик кој има околу 900 милиони луѓе кои го говорат како мајчин јазик, сепак Англискиот јазик има за околу 400 милиони повеќе активни корисници отколку Кинескиот Мандарински јазик (1.5 милијарди наспроти 1.1). Ова „умирање на јазикот“ е присутно и во Македонија, особено кај младата популација, кај оние кои своето слободно време го поминуваат консумирајќи содржини  преку социјалните мрежи а кои се исклучиво на Англиски јазик. Доволно е само запрашае колку пати сакате да искористите некој збор и не го знаете на Македонски јазик терминот, но го знаете на англиски (мене барем доста ми се случува тоа).

Наместо заклучок, бидејки овој текст е веќе по прилично долг, да сумираме со констатацијата дека, САД, во својот поход по колонизирање, го менуваат пристапот но не и целта. Целта е определена од желбата за доминација, експлоатација и конечно владеење со што поголем опфат во светот. Така, наместо со директна војна (иако нели и таа опција никогаш не е исклучена, особено кога се работи за САД) се одлучиле преку идеолошка хегемонија да завладеат со светот, односно преку наметнување на своите вредности и норми како и преку мултинационалните компании кои многу често се американски.

Бидејки тие мултинационални компании се всушност газдите во САД, а со тоа и во светот сакаат да го зголемат својот профит преку проширување на својата империја и „инвестираат“ во други држави каде што добиваат поевтина работна сила како и голем број на даночни и други бенефиции и всушност единствената придобивка на државата каде што инвестираат (како што е случајот во Македонија) се платите на вработените, додека политичката моќ и влијание на земјата од каде доаѓаат компаниите се зголемува со самото присуство на истите компании. 

Освен економскиот аспект на глобализацијата многу е важен и културниот елемент, односно потсвесното наметнување на американските идеали, вредности и норми преку западните медиуми (ТВ серии, емисии и филмови) на целиот свет. Уште една многу важна придобивка на оваа културна доминација претставува масовното проширување на Англискиот јазик чие познавање е помалку или повеќе задолжително за секоја индивидуа која сака да работи било каде (на речиси сите огласи за работа бараат познавање на Англиски јазик, независно од позицијата).

Кога разговарам на оваа тема со некој познаник, обично ми одговараат со прашање „па што сега целосно ли да се затвориме како земја?“. Иако ова прашање е во голема мера реторичко, ќе го одговорам накусо, секако дека не, НО, многу е важно да си го цениме тоа што го имаме и да соработуваме со други држави на прагматично ниво, односно во она поле во кое ќе има обострана корист за двата народи. Притоа, потребно е да ја унапредуваме сопствената културна посебност, да промовираме книги од македонски автори, да промовираме Македонски филмови и серии, да не ги продаваме нашите природни богатства, и, ако може да кажам во еден здив, да ги користиме нашите природни богатства, плодната почва и идеалните климатски услови, да ја искористиме водата како ресурс и да ја направиме Македонија подобро место за живеење. 

Во овој т.н глобален свет, кој се’ позабрзано ита кон универзална држава предводена од САД, е од огромно значење Македонија (како и впрочем сите помали држави) да си ја зачува својата културна посебност, односно да го зачуваме тоа што не прави уникатни како народ, да го зачуваме тоа што не прави Македонци, бидејќи во спротивно, светот ќе ја загуби една од најдобрите негови аспекти а тоа е шареноликоста на култури. Во блиска иднина нема да бидеме „обединети во различностите“ како што е мотото на Европската Унија, туку ќе бидеме „обединети во истоветноста“ но никогаш нема да бидеме истите, едни ќе бидат поблиски до центарот на империјата, побогати, а другите на нејзината периферија ќе го создаваат рајот на првите.