Дали Ковачевски ќе го прифати антипровизискиот закон на Левица како што најави во Собранието

На една од претходните собраниски седници за пратенички прашања пратеникот Димитар Апасиев од Левица праша дали се планира да им се забрани на банките да наплаќаат нереални провизии за административни трошоци, провизии за аплицирање, како и за надоместоци за обработка на кредит.

Премиерот Димитар Ковачевски тогаш ги повика пратениците без исклучок, вклучувајќи ги од СДСМ, да го разгледаат Законот за банки во делот на провизии и низ јавна расправа во Собранието да се утврди дали може да се направи интервенција во однос на висината на апсолутниот износ на профитот на банките што доаѓа од некаматни приходи.

Денес, од страна на пратениците на Левица беше поднесен Предлог-закон за дополнување на Законот за платен промет, чија основна цел е намалување на екстрапрофитите на банките кои ги остваруваат преку т.н. некаматни приходи, а неосновано ги наплаќаат од граѓаните и од фирмите.

Останува да видиме дали по поднесувањето на овој Предлог-закон, премиерот Ковачевски и пратениците на СДСМ ќе го поддржат истиот, како што беше ветено од собраниската говорница од страна на Премиерот.