Либерална демократија: илузијата дека сиромашниот има глас

Ја привршуваме третата декада од распадот на СФРЈ. Во „независноста“, еднопартискиот систем го заменивме со повеќепартиски, либералната демократија не ослободи од авторитарната диктатура на пролетеријатот, ја вративме слободата на капиталот и на претприемачите (помали и поголеми) и започнавме да си повторуваме себеси дека таа слобода ќе се прелее и кон сиромашните, аналогно на Регановите неолиберални trickle-down приказни.

Но, либералната демократијата што ја „уживаме“ само навидум е инклузивна и ни пружа некаков избор. Како што парите во Регановата економија не се прелија навистина кон сиромашните, така и слободата и демократијата не се прели кон нив. Напротив, либералната демократија, во својата суштина, единствено постави граници на тоа што смее и што не смее да влезе во политичкиот ринг. Околу тоа што конечно влегува во рингот се дозволува жестока дебата, за да нам ни се чини дека имаме избор, дека гласањето не е залудно, дека некому му е грижа за нас и дека навистина постои помало од двете зла.

А во суштина, ниту имаме избор, ниту па некому му е грижа за нас. Доволно е да се погледнат мотивите на политичките партии, за да тоа стане кристално јасно. Зошто вмровците и сдсмовците се борат за власт? Ни мали деца не веруваат дека нив им е грижа за државата и за животот на граѓаните во неа. Нивниот мотив е едноставен: тие сакаат да се збогатат. А за тоа колку се успешни во остварување на оваа своја цел, доволно е да се погледне само колкави суми се фрлаат на предизборни кампањи. Овие партии, кои ништо не произведуваат, кои треба да се непрофитни, имаат дебели сметки. Прашањето е: кој ги полни тие сметки?

Ние секако не можеме да донираме доволно за да покриеме ни 10-тина од тоа што се троши само за една кампања. Мнозинството од нас нема такви пари. Тие што имаат такви пари и од чив џеб доаѓаат примањата на политичките партии се оние кои го поседуваат крупниот капитал. Некогаш во форма на донации, некогаш во форма на разни бизнис зделки (политичарите неретко самите поседуваат капитал), некогаш и целосно нелегално, ваквите олигарси плаќаат, а за возврат очекуваат тендерчиња, ниски корпоративни даноци, намалување на работничките права, зголемување на старосните граници за пензија, тенденциозно уништување и распродавање на државните и јавните добра итн. Се што им одговара за нивните бизниси да цутат.

Впрочем, реалноста е многу едноставна: се уште постои еднопартиски систем. На власт е секогаш партијата која ги штити бизнис интересите, само понекогаш менува руво, па ДПМНЕ се менуваат со СДСМ. Либералната демократија е само маска на оваа диктатура на капиталот, која го изведе најголемиот трик на ѓаволот: не убеди дека не постои! Кој и да е на власт, секогаш е на страната на капиталот, а се разликува од својот претходник/следбеник само формално – едните се претставуваат како поголеми националисти, другите се претставуваат како поголеми граѓани, едните се порелигиозни, другите се малку помалку религиозни, едните сакаат помали даноци и повисоки задолжувања, другите сакаат малце поголеми даноци и малку пониски задолжувања. Важно, се согласуваат на сите суштински точки: поддршка на пазарната економија и приватната сопственост, сервилност кон Западот и силен стремеж за влез во ЕУ и НАТО, потчинување на работниот народ во државата користејќи ги сите репресивни алатки на располагање.

За на просветлените, автошовинистички, анационални интелектуалчиња да им стане појасно и да не изведат од тука заклучоци кои би биле комплетно погрешни, ова не се случува само во Македонија, туку и надвор од неа, во „демократските“ САД и земјите од Европската Унија, која моментално гори бидејќи не може да ги задоволи потребите на своите граѓани. Западот, кој либералната демократијата во Студената Војна ја користеше како изговор за да ги праќа своите војници во Кореја и Виетнам, денес ја користи за да постави граница помеѓу себе и „нецивилизираните“ држави, со цел полесно да ги потчини и експлоатира. И Западот се разликува од овие „нецивилизирани дивјаци“ во тоа што своето богатство го црпи токму од нив, па може да им фрли трошки на своите граѓани. Не е ни вчудоневидувачки тоа што бегалците од Блискиот Исток, кога пристигаат во „цивилизираните“ империи, се прашуваат каде е таа прославена демократија, која тие ја немаат, а наводно Западот ја имал и ги бомбардира дур и кај нив фати корен. И треба да се прашуваат, бидејќи неретко тие имаат повисок степен на демократија од овие неуморни борци за неа.

Заклучокот се врти повторно кон овие простори. СФРЈ имаше многу маани од кои може многу да се научи. Секако дека не било идеално, впрочем било далеку од тоа. Но, дезинтеграцијата на тој Балкански проект (кој никогаш не стана целосно Балкански) не донесе никаква слобода и никаква демократија – напротив, беше чекор назад и на двете полиња. Денес живееме во нешто што се нарекува „транзиција“ и кое што веќе трета декада не завршува. Но, трикот е токму тука. Ние одамна не сме во транзиција. Таа заврши, а сега сме капиталистичка држава со либерална демократија која е потчинета на Западот. И џабе чекаме да пројде сето ова и да упали демократијата, бидејќи процесот е пројден и нештата нема да се подобрат додека самите темели на ова експлоатирачко уредување сами не ги подриеме.