Зошто ЕУ не воведува санкции на Бугарија и по над 700 пресуди на ЕСЧП каде е утврдена повреда на човековите права

Бугарија е земја членки на ЕУ за која најмногу пати Европскиот суд за човекови права потврдил дека државата ги повредува човековите права. Истовремено оваа земја членка на Унијата не постапува по донесените пресуди со што продолжува да ја гази и Европската конвенција и одлуките на Европскиот суд, но заради ова, таа никогаш не е санкционирана од страна на Европската комисија.

Се поставува прашањето дали ЕУ толерира прекршување на основните човекови права во своите земји членки во случајот Бугарија, додека трети зејми за иста ваква постапка би биле соочени со притисоци, санкции, или доколку се кандидати за влез во Унијата, во најмала рака со вето.

За 30 години од ратификацијата на Европската конвенција за човековите права, Бугарија била тужена околу 1.500 пати и од нив половината се со осудителни пресуди за нарушување на конвенцијата.

Бугарија е една од државите со најмногу неспроведени осудителни пресуди на Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур, околу 170, кажа бугарскиот министер за правда Крум Зарков вчера на конференција во Софија.

Досега, Бугарија вкупно платила 11 милиони евра отштети за пресуди против државата, меѓу нив и за 16-те пресуди во корист на македонските здруженија кои што Бугарија упорно одбива да ги регистрира, наспроти одлуките и насоките на судот во Стразбур.

Од вкупно 16 добиени пресуди за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, 11 се на ОМО „Илинден Пирин“. Првата пресуда оваа организација ја добила пред Стразбур во 2001 година. Ниту неа, ниту последователните 10 добиени пресуди, Република Бугарија не ги спроведе до денеска. А ни останатите 5 што ги добиле „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и други подносители на тужби за кршење на човекови права од страна на бугарските власти.

Токму за ова одговараше на новинарски прашања претседателот на Европскиот суд за човекови права и слободи Роберт Спано, кој на 5 ноември лани беше во Скопје. Според него, секоја земја членка на Советот на Европа е обврзана да ги спроведува пресудите на судот, но тие како суд не се извршно тело и немаат овластување да го следат спроведувањето на своите одлуки.

„Општото начело е сосема јасно, тоа е дека секоја земја членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот. Во голем број пресуди Судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на Судот во духот на Конвенцијата“, рече Спано.

Ваквиот однос од ЕУ кон земја членка која не ги почитува човековите права и донесените судски пресуди на ЕСЧП, го руши угледот на унијата, нејзиниот кредибилитет при преземање акции кон трети држави за исти вакви постапки и укажува на двојни стандарди во нејзината политика.