Никарагва го брани суверенитетот од Западната хегемонија

  • Во одбрана на својот суверенитет, Никарагва ја прогласи за „персона нон грата“амбасадорката на Европската унија, Бетина Мушајд, ги прекина дипломатските односи со Холандија, не дозволи влез на американскиот амбасадор и го исклучи каналот на CNN.

Во петокот, Никарагва ги прекина сите дипломатски односи со Холандија, се вели во соопштението објавено од владата. Ваквиот развој на настаните дојде неколку часа откако централно-американската земја одби да го одобри влезот на новиот американски амбасадор.

Министерството за надворешни работи на Никарагва во соопштение рече дека земјата се соочила со „повторено мешање на интервенционистички и неоколонијалистички политики на Холандија“, заради што одлучила „веднаш да ги прекине дипломатските односи“. Во него се наведува дека европската земја „ги навредувала и продолжува да ги навредува семејствата од Никарагва“.

Тензиите меѓу земјите ескалираа откако холандската амбасадорка во Централна Америка, Кристин Пирен, ја информираше владата дека нивната земја нема да ја финансира долго – ветуваната болница. Претседателот Даниел Ортега ја критикуваше оваа вест и рече: „Амбасадорот дојде да разговара со Никарагванците на начин како Никарагва да е холандска колонија“.

„Оние кои доаѓаат да го навредат нашиот народ, нашата татковина, не треба повторно да се појават во Никарагва. И ние не сакаме односи со таа интервенционистичка влада“, додаде тој.

Претходно во петокот, потпретседателот на Никарагва, Росарио Муриљо, сопругата на Ортега, рече дека на американскиот пратеник Хуго Родригез нема да му биде дозволен влез во земјата. „Тоа нека им биде јасно на империјалистите“, рече таа.

Владата соопшти дека го повлече одобрувањето за новиот амбасадор откако тој даде навредливи коментари на сослушувањето во Сенатот.

Хуго ја нарече Никарагва „држава на парија“, нарекувајќи го владеењето на Ортега „диктатура“. Тој, исто така, рече дека ќе ги поддржи „сите економски и дипломатски средства за да се донесат промени во Никарагва“, вклучително и исклучување на земјата од Договорот за слободна трговија со Доминиканската Република.

Во средата, Никарагва ја прогласи амбасадорката на Европската унија, Бетина Мушајд, за „персона нон грата“, без да наведе причини.

Истиот ден, Ортега ја означи и Католичката црква како „совршена диктатура“. Ортега ја обвини црквата дека ги поддржува протестите во 2018 година, што започнаа против планираните кратења на социјалната помош на неговата Влада, но, се претворија во поширок протест против него.

Никарагванскиот институт за телекомуникации (ТЕЛКОР) ги исклучи каналите на Си-Ен-Ен, „CNN en espanol“, поради кршење на уставот на Никарагва, поточно, нејзиниот прв член, каде се вели дека независноста, суверенитетот и националното самоопределување се неотуѓиви права на народот Никарагва и основа на нацијата.

Реагирајќи на веста, потпретседателот Росарио Муриљо истакна дека должноста на регулаторот за телекомуникации е да обезбеди заштита, одбрана, зачувување на принципите и гаранциите утврдени со Уставот и други закони.