Мојсоска: Експресно осуден Алабаковски – да беше функционер што украл милиони ќе му застареше делото

Пејачот Ламбе Алабаковски вчера беше осуден на шест месеци условна казна поради опожарувањето на бугарскиот културен клуб “Ванчо Михајлов” во Битола, додека истовремено, поради отсуство на судечкиот судија се одложи главната расправа за случајот „Титаник 2“ која беше закажана за вчера и се презакажа за 17. октомври, соопшти Кривичниот суд, па делото на Мијалков наскоро застарува.

Судскиот предмет за изборните нерегуларности на локалните избори во 2013 година е пред застарување и неизвесно е дали ќе заврши во разумен рок, како што претходно изјавија од судот. Кривичниот суд би требало да донесе правосилна пресуда против Мијалков за „Титаник 2“  најдоцна до април 2023, кога истекуваат 10 години од извршеното кривично дело.

На социјалните мрежи со остра реакција и осуда на ваквиот однос на правосудниот систем, реагираше Генералниот секретар на Левица, Јована Мојсоска.

Алабаковски експресно осуден на шест месеци условна казна за палење фашистички клуб. Да беше функционер што украл милиони државни пари или фалсификувал избори, судот на режимот ќе му ја укинеше пресудата или ќе го застареше делото. #Квинслинзи, напиша Јована Мојсоска на Фејсбук.