Историскиот фудбалски натпревар помеѓу Македонија и Левски во време на бугарската фашистичка окупација

  • Објавено од Левица – Сектор спорт

Во 1942 година, за време на Втората светска војна, во окупирана Македонија од бугарскиот фашистички окупатор, пред околу 6.000 гледачи, одигран е натпреварот меѓу екипите на Македонија и Левски, дуел според кој е снимен и познатиот македонски филм „Трето полувреме“, во кој е прикажана борбата на Македонците и македонскиот народ со окупаторот во периодот на Втората светска војна.

Екипата на Македонија, симбол за македонската борба и непокор, тим од кој биле дел борци за Македонија, како и интелектуалци од нашата земја и македонски патриоти кои биле тесно поврзани со Народноослободителното движење, се натпреварувала во Првата лига на Бугарија – „Нацистичката“ фудбалска лига.

Бугарските окупатори биле изненадени од успесите на македонскиот тим и од паролите, па почнале да преземаат мерки, мечевите да се добиваат на зелена маса, судиите да судат против Македонија, да се застраши граѓанството со поставување митралези крај игралиштето, да се донесе коњицата, да се апсат неистомислениците.

Фудбалскиот клуб Македонија, бил формиран во виорот на Втората светска војна од бугарската фашистичка власт, но набргу добил значајна улога не само на фудбалско поле, туку и во остварувањето на целите и задачите на Народноослободителната борба, поради што бил нарекуван народен клуб, кој набргу станал симбол на борбата за ослободување на македонскиот народ.

И покрај сите притисоци и судиски неправди, предводен од легендарниот унгарски тренер со еврејско потекло Илеш Шпиц тимот дошол до финалниот дуел на лигата, каде го чекал фаворизираниот Левски. Историскиот натпревар се одиграл во Скопје, а Македонија тргнала фуриозно и успеала да поведе со 2-0 и покрај сите притисоци и неправедни одлуки од страна на судијата кој бил наклонет кон Левски.

Публиката „грмела“ против Бугарите, ечело „Долу Бугарија, Горе Македонија!“, a ситуацијата ескалирала кога Левски постигнал нерегуларен гол за 2-1, а судиите решиле да го признаат и да го навлечат гневот на домашните навивачи.

Публиката тогаш направила немири, а судијата бил приморан да го прекине натпреварот и да ги повлече играчите во соблекувалните. Неправдата кон македонскиот народ дополнително се потврдува кога било одлучено Левски да го добие натпреварот со службен резултат 0-3.

Историските факти од тоа време велат дека во и околу клубот биле вклучени голем број патриоти, а неговите средби биле главни настани во воено Скопје, на кои се искажувало незадоволството од окупаторот, а се правела промоција на Македонија и на македонскиот патриотизам.

„Фудбалскиот клуб Македонија, кој беше формиран веднаш по окупацијата, одигра значајна улога не само на фудбалското поле, туку и во остварувањето на целите и задачите во Народноослободителната војна. Како се редеа победите на ФК Македонија над клубовите во ’елитната бугарска дивизија’, така се разбрануваа масите и спортското скопско поле стануваше поприште на борбата против окупаторот.

Натпреварите на Македонија беа повод и место за собирање на масите и за искажување на незадоволството против окупаторот, за афирмација на Македонија и на македонскиот патриотизам“, пишува Вано Цветковски во монографијата на „ФК Вардар“ за фудбалот пред и за време на Втората светска војна.

Клубот „Македонија“ бил силно поврзан со партизанското движење и со Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ)-от.

„Бугарските окупаторски сили беа изненадени од успесите на зеленото поле и од паролите, па затоа почнаа да преземаат мерки за да се прекине тој тренд. Се преземаа мерки мечевите да се добиваат на зелена маса, судиите да судат против Македонија, да се застраши граѓанството со поставување митралези крај игралиштето, да се донесе коњицата, да се апсат неистомислениците… Но сите мерки наместо смирување, уште повеќе ги подгреаја националните чувства на Македонците“, пишува Цветковски во монографијата за „Вардар“.

Ова се факти кои со потпишувањето, прво на Договорот за добрососедство (2017г.), а денес и со протоколот со Бугарија, ќе се ревидираат (бришат), а споменување на истите ќе се смета за говор на омраза и ќе биде казниво со закон.

Дуелот во Скопје со Левски, кој детално е реконструиран во филмот „Трето полувреме“, посебно е опишан од бугарски член на тајната полиција, кој бил меѓу шестилјадната публика на стадионот. Ова било објавено во книгата „Бугарската управа во Вардарска Македонија (1941-44)“. Па така и овој филм, книгите, учебниците, сѐ ќе биде подложно на ревизија, а потоа и бришење на фактите, според барањата на Бугарија.

Нема да ви помине! Еднаш сме го победиле фашизмот, ќе победиме пак, а предавниците ќе одговараат во затвор.

Смрт на фашизмот, слобода за народот!