Левица се сомнева дека Љупчо Николовски спрема приватизација на АД Водостопанство
- Реакција на Политичката партија Левица
Веќе подолго време државното претпријатие АД Водостопанство кое стопанисува со водените ресурси и мрежата за наводнување на сите земјоделски површини во државата, се наоѓа во тешка финансиска состојба и е пред банкрот.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорот на АД Водостопанство Локман Љимани, во своето владеење го донесоа АД Водостопанство во катастрофална состојба, при што претпријатието должи над 5 милиони евра по разни основи, а вработените веќе трет месец немаат примено плата.
АД Водостопанство стопанисува со водните акумулации, хидросистемите, поседува бушотини и пумпи за вода, управни згради, при што врши услуга за достава на вода за наводнување на сите земјоделски површини во државата. Последните неколку месеци поради проблеми со работата, вода за наводнување немаше во овчеполието, кочанско, тиквешко и други места, при што огромни штети претрпеа и земјоделските посеви во тие краеви.
По примерот на големите државни претпријатија кои 90-тите се оставија да пропаѓаат за да се приватизираат по ниска цена, дали денес пропаѓањето на АД Водостопанство е свесно предизвикано од министерот Николовски и владата на СДС – ДУИ за да истиот биде ставен на листата за приватизација, останува да видиме.
Политичката партија Левица, како партија со левичарска идеологија, е против секаква приватизација на општествениот имот, против приватизации на природните ресурси, и ја предупредуваме владата на СДС – ДУИ да не се обидуваат да го приватизираат АД Водостопанство, и истиот да се стави во целосна функција за потребите на земјоделците во држвата.