Учениците се враќаат на училиште без книги
Околу 255 илјади основци и средношколци денес ја почнуваат учебната 2022/2023 година. За учениците од прво, второ, четврто и од петто одделение се подготвени нови наставни програми за предметите, согласно Концепцијата за основно образование што од лани се спроведува етапно и, според планот, треба да биде заокружена за пет години во целото деветгодишно образование.
Учебниците според новите наставни програми се во различна фаза на одобрување и додека ги добијат, учениците од овие одделенија ќе учат од соодветни материјали во кои се разработени содржините од првото тримесечје.
МОН уверува дека не се работи за скрипти, туку материјали кои се квалитетни и креативни и учениците ги добиваат бесплатно.
И покрај тоа што учениците на почетокот од новата учебна година ќе учат од „материјали“, министерот Јетон Шаќири вчера на прес-конференција констатираше дека МОН е многу поподготвено од претходните години, бидејќи на првиот училишен ден за сите ученици ќе има материјали за учење.