Ердоган лут на Западот: Сакате уште една крстоносна војна?!

Турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган за време на големиот собир во Истанбул за поддршка на Палестинците во Појасот Газа, на кој тој лично присуствуваше, го обвини Западот за крвопролевањето во Газа, нарекувајќи го масакр. На протестот за поддршка на Палестина, присуствуваа 1,5 милиони луѓе.

Оние кои леат крокодилски солзи над цивилите убиени во украинско-руската војна, сега немо го гледаат убиството на илјадници невини деца во Газа.

Тој го нарече Израел окупатор и дека Турција има намера оваа земја да ја прогласи за воен злосторник, а дека палестинскиот Хамас не е терористичка организација.

Главниот виновник зад сето ова што се случува во Газа е Западот. Го прашувам тој Запад, дали сакате да започнете уште една крстоносна војна?

Претседателот на Турција рече дека неговата земја не одобрува напади врз цивили во Израел и дека Анкара е „тажна за секој цивил, но изгледа дека Израел не се грижи за тоа“.

Тој, исто така, истакна дека во име на својот народ ја поздравува одлуката на луѓето од северниот дел на Појасот Газа да не ги напуштаат своите домови.

„Тие не треба да ги напуштат своите домови, градот, под налетот на бомбардирањето на силите на агресорот. Сепак, сите знаат дека Израел е само пион во регионот и ќе биде жртвуван кога ќе дојде време. Западот ги мобилизираше своите политичари, медиумите, да му дадат легитимитет на масакрот на невините луѓе во Газа. Израел врши воени злосторства“, рече Ердоган.

Тој рече дека е право на секоја земја, вклучително и на Израел, да се брани, но праша – каде е тука правдата. „Ова не го прават за да се одбранат, туку да направат масакр како што се случува во Газа“, рече турскиот претседател.