114 години Рацин – Револуционер и интелектуалец на работничката класа во Македонија

  • На денешен ден е роден Koста Апостолов Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 – Лопушник, 13 јуни 1943) — македонски книжевник и социјалистички деец.

Творештвото на Кочо Рацин опфаќа неколку области: поезија, проза, историски списи, филозофски списи, литературна критика и есеи. Својот најголем придонес го дава во областа на поезијата, особено со својата стихозбирка „Бели мугри“, објавена во Загреб, во 1939 година и напишана на македонски јазик и македонска азбука, 6 години пред официјализирањето на заседането на АСНОМ. Тоа јасно говори за постоење на македонска самосвест, јазик, азбука и култура. Неговите придонеси и во останатите области се важни, но тие главно се во сенка на неговото поетско творештво.

Се смета за еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни, од кои 2 се циклуси (со по 6 и 7 песни) напишани на велешки дијалект со примеси од западномакедонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Според лирскиот вид, сите песни во збирката се социјални, а мотивите се: аргатски, печалбарски, за пропаднатите занаети, елегични и револуционерни. Насловот на стихозбирката е симболичен — пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе.

Тоа е ново утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви. Со аргатски мотив се песните: „Денови“, „Селска мака“, „Тутуноберачите“, „Печал“. Во стихозбирката „Бели мугри“ елегија е: „Ленка“, можеби најпознатата, антологиската песна на Рацин.

Има две верзии околу смртта на Рацин. Според првата, станува збор за несреќен случај: поради вродената наглувост. Вечерта на 13 јуни, додека се враќал во партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско, смртоносно бил застрелан од Мино Миновски, партизанот кој го чувал пристапот кон печатницата.

„Самракот се спушташе над планината. Остатоците од денот остануваа на вршјето од високите буки. Тројцата се движеа газејќи низ скапаните влажни лисја и папратите. Тие ги прескокнуваа паднатите букови стебла. Одвреме-навреме се слушаа крикови на ноќни птици и виење на ѕверови. Одеа по патот обземен од стравот и неизвесноста дека може да бидат пресретнати од злосторничка заседа и уништени. Одненадеж, на триесетина метри подолу од нив, се појавува силуета на човек што се движи во правец на печатницата. Проширениот дел на средината од оваа силуета остава впечаток дека тоа е човек со пушка на готовс под наметка. На првиот паничен извик за опасност од човек, залегнуваат со пушките.

Стој! – викна еден од нив.

Но силуетата не запре. Истрел од една пушка. Фигурата се занишува и паѓа со крик што морничаво одекнува во темнината. Испуштениот продолжителен крик ги вкочани и ги занеме на местото: ги скова болниот глас на другарот нивни.

Исправените буки останаа да сведочат шумолејќи за кобниот час. Останаа со завет да ја пренесуваат големата легенда за борбата и народот, за трудот и класата, за вербата и победата, за сонцето и слободата, за Рацина и Човекот.

Притрчаа кон него. Куршумот го пронижи кај левата слабина, отварајќи голема рана кај стомакот. Еден од другарите остана да седи вчудовиден пред трагедијата и беспомошноста, а другите се упатија кон базата да ја соопштат трагичната вест. Набргу пред Рациновото тело што беззапирно крвареше се најдоа партиски и воени раководители на НОБ.

Немилиот трагичен крај не значи крај на неговиот живот. Поетот пролетер, оддавајќи му се наполно на револуционерното дело за доброто на Човекот и иднината, свесно ја прифати смртта како нужност во континуитетот на револуцијата. И оттука, разбирливо е што големите поети – револуционери јасно визионерски си го предвестуваат крајот по време и место. Таков е Петефи, Ботев, Лорка и други. Така направи и Рацин.“