АктуелноЛокално

Да не дозволиме поделба на граѓаните по етничка припадност

  • Реакција на Слезенковски Кирил, член на Советот во Општина Илинден при политичката партија Левица

Отворено барање до Влада на Република Северна Македонија и Министерот Kreshnik Bekteshi

Почитувана Влада На Република Македонија/ Kreshnik Bekteshi
Ви пишувам како член на Советот во Општина Илинден, а затекнати од состојбата во Арачиново и покажувањето на вашата заинтересираност за помош кон општините кои се на удар во оваа економска криза би ве замолил за несебична финансиска помош до ЈКП Водовод Илинден.

Според раководството на ЈКП Водовод Илинден, Претпријатието со моменталната цена на електричната енергија нема да може да издржи со работа до крајот на оваа година. Како единствен излез од оваа криза ЈКП Водовод Илинден излезот го гледа со поскапување на цената за дистрибуцијата за водата за пиење.

Со поскапувањето на електричната енергија и немањето можност едно ЈП да се справи со ваква криза од големи размери, ЈП Водовод Илинден има потреба од финансиска помош кои средства би се искористиле за потрошената ел енергија за доставување на вода за пиење.

Граѓаните на Општина Илинден се едни меѓу најредовните плаќачи на сметки и данок (над 92%), каде за разлика од Арачиново кои поштено си крадат струја и не плаќаат данок последниве 30 години.

Инспириран од вашата великодушност за изнаоѓање на решенија на една ваква тешка тема, се надевам дека граѓаните од Општина Илинден нема да останат запоставени од ваша страна и со директна помош кон ЈКП Водовод ќе излезете во пресрет на Општината и граѓаните кои живеат во нејзе.

Доколку Владата не искочи во пресрет на ЈКП Водовод, ЈП ќе мора да ја покачи цената за доставување вода за дупло од сегашната!

Работата е опасна. Дадете му уверение на снабдувачот со електрична енергија како што тоа го сторивте со ЕВН во Арачиново, па да ни замижат за сметките на Претпријатието за да не останеме првенствено без вода. Или пак дајте некое милионче парична помош како што тоа се прави за Арачиново за да го заштитиме семејниот буџет. Или пак нешто трето. Верувам во Вашата докажана способност.

Да не дозволиме поделба на граѓаните по етничка припадност!
Едно општество за сите, исти правила за сите!